Собраниско раководство

Вторник, 2 февруари 2021

Обраќање на претседателот Џафери на Работниот состанок на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ)

Почитувани колеги пратеници,
Почитувана генерална Иванова,
Почитувана амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија, Ваша Екселенција Рејчел Галовеј,
Почитувани претставници на Техничкиот комитет и други невладини организации,
Дами и господа,

Дозволете да изразам задоволство што денес сме собрани тука во вака голем број пратеници, припадници на различните пратенички групи застапени во Собранието на Република Северна Македонија. Гледам колеги од власта, од опозицијата, поголеми, помали пратенички групи, со различни идеологии, различни програми, а сепак сите тука обединети и собрани за една единствена цел, односно, повторно да заживее и да продолжи ентузијазмот што владееше при донесувањето на Декларацијата за правото на политичко учество на граѓаните со попреченост, којашто е патоказот кој што треба да се следи за да се постигнат заедничките стандарди за остварување на политичкото учество на лицата со попреченост, како што е почитувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Пекиншката декларација и платформата за акција како и насоките од Општиот коментар бр. 6 за еднаквост и недискриминација и Општиот коментар број 3. за жените и девојчињата со попреченост, издаден од Комитетот за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации. Ја гледам полнава сала и навистина тоа ми влева верба дека сепак сме доследни на нашите убедувања и дека сме сериозно посветени на исполнувањето и на тој сегмент од нашето делување како пратеници на народот во законодавниот дом, а тоа е, донесувањето на законски решенија кои ќе бидат од полза за сите, ќе им го олеснуваат животот, ќе овозможуваат еднаков третман, пристап и можности за секој еден наш граѓанин, без оглед на неговата етничка, верска, полова, социјална и културолошка припадност, а секако, во ниту еден случај во зависност од неговата физичка можност или неможност. Затоа што, јас верувам дека најтешко надминливите бариери се токму тие што ги подигаме во нашата свест, со нашиот начин на размислување и начин на делување. Наша законска, морална и етичка должност е да работиме во насока на симнување на тие бариери, да се посветиме на унапредувањето и заштитата на човековите права и оневозможување на дискриминација по каков било основ и тоа треба да ни биде водилка при секој преземен чекор за менување, дополнување, прилагодување на важечките закони во нашата земја. Во оваа прилика, сакам да оддадам признание и на Техничкиот комитет на ИППГ – Полио Плус - движењето против хендикеп кое што будно бдее и алармира за недоследностите и можностите за информирање на пошироката јавност за да се иницира коригирање, прилагодување, надградување на законите кои ги донесуваме ние тука. Токму затоа, знаејќи ја моќта на нашиот глас, конкретно на Вас почитувани колеги кои ќе бидете дел од оваа неформална Интер-партиска парламентарна група за правата на лицата со хендикеп (ИППГ), што секако не значи дека и сите ние другите пратеници нема да дадеме поддршка за секоја ваша иницијатива која ќе биде во насока на почитување на вроденото достоинство, индивидуалната автономност и слободата на избор и независност на лицата со попреченост, индискриминацијата, целосното и ефикасно учество и вклученост во општеството, почитувањето на разликите и прифаќање на лицата со инвалидност само како дел од човековата различност и овозможувањето на рамноправни можности, пристап, рамноправност меѓу мажите и жените, почитувањето на развојните способности на децата со пречки во развојот и почитувањето на нивното право на зачувување на нивниот идентитет, кои се само дел од начелата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, која се повикува на начелата наведени во Повелбата на Обединетите нации со која се признава вроденото достоинство и вредност и еднаквите неотуѓиви права на сите членови на човековото семејство, како темел на слободата, правдата и мирот во светот, Ве охрабрувам да бидете најгласни што можете.

Почитувани присутни,

Сакале или не, мораме да признаеме дека инвалидноста е производен концепт и истата е резултат од интеракцијата меѓу лицата со попреченост и видливите и невидливите пречки во односот и околината со што се спречува нивното целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите. Животот е предизвик и секој може во еден миг на биде пред сосема неочекувана бариера, меѓутоа, да не дозволиме ние, луѓето да бидеме тие кои ќе подигаат нови бариери туку напротив, да се насочиме кон овозможување на достапност, инклузивност на секој поединец, затоа што, сите сме уникатни и посебни по нешто, сите имаме нешто лично да придонесеме за градење на едно похумано, посолидарно, а пред се еднакво општество со еднаков третман на сите. Доколку препознаеме дека граѓанските и политичките права на граѓаните со попреченост не се вклучени во законодавството и јавната политика, со што се оневозможува нивното уживање на тие права, тоа нека биде патоказот кој што ќе не води кон менување на актуелната состојба на национално и на локално ниво, таму каде што дискриминацијата го покажува своето грдо лице на најдиректен и најбрутален начин кон овие наши граѓани и да ги менуваме работите кон подобро со овозможување на сите правни, физички, информативни, инфраструктурни и секакви услови за да бидат рамноправни учесници и активни чинители во донесувањето и спроведувањето на сите општествени процеси и одлуки кои се составен дел на државното управување и градење на вистинско демократско општество во кое сите граѓани, без оглед на нивните различни етнички, верски, социјални, културни, физички, полови и партиски разлики, имаат ефективно политичко учество.

Почитувани,

Дозволете да Ви честитам на истрајноста и храброста и да посакам постигнувања и успешност на новоформираната Интерпартиска парламентарна група!

Благодарам на вниманието.   

Click