Собраниско раководство

Среда, 26 август 2020 година

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената академија по повод 110-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза

Почитуван директор на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, г. Асани,
Почитувани претставници на Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“
Почитувани претставници на ликот и делото на Мајка Тереза,
Почитувани Екселенции,
Дами и господа, 

Имам чест во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, денес, кога ја одбележуваме 110-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, симболот на бескрајната хуманост, симболот на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните, кон сиромашните и не толку среќните во животот, тука, пред оваа спомен плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, да го изразам и споделам со сите вас тука присутни, чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир. И, во оваа прилика, сакам да им честитам на организаторите на оваа свечена академија, односно, Одделението за наследството на Гонџе Бојаџиу – Мајка Тереза при Институтот за културно и духовно наследство на Албанците и Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“, кои со најголемата посветеност и сериозност продолжуваат да ги негуваат почитта кон нејзиното дело, продолжуваат да го одржуваат во живот духот на нејзината неуморна работа и го всадуваат во идните генерации истото чувство на хуманост, солидарност, пожртвуваност и на душевна мир што го дава правењето на добро дело, подавањето на раката за помош и раширувањето на рацете за прегрнување на друго човечко суштество, познато или непознато. Денес, повеќе од кога било, имаме потреба од овие својства. Денес кога светот се соочува со пандемијата на КОВИД – 19, која е глобална закана по здравјето на целото човештво, огромен удар врз темелите на секој здравствен и економски систем, сите подеднакво имаме потреба од взаемна поддршка. Живееме во чудно време, со нови, непознати предизвици, меѓутоа, зарем ги нема секоја етапа од општествениот развој, своите карактеристични тешкотии?! Меѓутоа, тоа што останува исто пред секоја тешкотија, колку и да е таа непозната, е подадената хумана рака, солидарноста и жртвувањето на комоцијата и опуштеноста, затоа што несреќата тропа на секоја врата...

 

Почитувани, 

Апелирам до сите вас тука присутни, и сите што се почитувачи на оваа ценета фигура, да бидеме совесни, да бидеме одговорни, да се грижиме едни за други, да се грижиме за блиските, познатите и непознатите, и на овој начин да придонесеме за победата над ова зло кое го има зафатено светот. Ова е нашиот предизвик, ова е битката што актуелните генерации треба да ја водат за да го поразиме современиот непријател, толку ситен а сепак, толку голем. Меѓутоа, како што рекла и големата Мајка Тереза, цитирам:“Одете дома и сакајте го своето семејство“, крај на цитат, затоа што, сѐ почнува од семејството, нели е така?!

Почитувани присутни, благодарам на вниманието!

Click