Собраниско раководство

Четврток, 17 декември 2020, Амфитеатар на Ректорат, Тетово

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената академија по повод oдбележувањето на 26-годишнината од основањето на Универзитетот во Тетово

Почитуван претседател на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети,
Почитуван прв заменик-претседател на Владата, г. Артан Груби,
Почитуван ректор на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети, 
Почитувани декани, професори,
Почитувани студенти, идни академски граѓани,
Дами и господа,

Дозволете ми на почетокот на мојот говор да ве поздравам од мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија сита Вас, присутни на оваа Свечена академија со која се одбележува годишнината од основањето на Државниот универзитет во Тетово, храмот на ширењето на науката сега веќе полни 26 години по ред и да ви посакам прославување на уште многу идни јубилеи. Се надевам дека идната година, и се разбира идната годишнина ќе бидеме присутни во многу поголем број и дека пандемијата со КОВИД - 19 ќе биде мрачен период кој ќе го оставиме засекогаш зад нас. Дотогаш, дозволете да потврдам и да сугерирам како што правам секогаш за време на моите јавни појавувања во последно време, да бидеме внимателни, да ги почитуваме здравствените протоколи, да одржуваме дистанца и да носиме заштитни маски.

Истовремено, како Универзитет што сте, како огниште на прогресивната, напредната сила, која чекори паралелно со промените и новините, и во исто време се справува, прилагодува и ги надминува и предизвиците кои ги носи модернизацијата, со кои се соочува целото општество, јас верувам и сум целосно убеден во тоа дека и вие нема да заостанете зад другите универзитети во земјава и светот. Јас сум сигурен дека дигитализацијата сега веќе станала редовен начин на функционирање на универзитетот, на одвивање на наставните часови, на комуникацијата помеѓу академскиот кадар и актуелните и идни студенти. И, се разбира дека ова е двострана добивка, односно, во добивка се и универзитетот и академскиот кадар, меѓутоа над се, сите актуелни и идни студенти, затоа што во ова време невреме, со напорите и сериозната посветеност на раководството, на професорите, на сите оние кои се и најмалиот сегмент на алката на вистинското функционирање на една високообразовна институција, не ги почувствуваат во ниту еден миг негативните ефекти на еден здравствен удар каков што е пандемијата. И токму така и треба да  биде, затоа што во ниту една ситуација, колку и да  е таа тешка, споделувањето на сознанијата, отворањето на новите хоризонти на знаењето поставувањето на камењата на зацврстување во темелите на овие нови фиданки, не смее да запне, да се спречува, отежнува или запре засекогаш. И за ова време, дигитализацијата е само уште една додадена вредност затоа што, преку глобализацијата се отвораат нови видици, нови светови и во тој виртуелен свет, нема пречки, нема тајни, целиот светски интелектуален потенцијал е на  дофат само со едно кликање на копчето, така што, ви сугерирам, ве охрабрувам да бидете смели, да бидете љубопитни, со отворени очи, светот е дар завиткан со многу слоеви и секое отворање на нова страница, ви ги подарува најубавите и неочекувани изненадувања.

Почитувани,

Се наоѓаме во Тетово, во универзитетскиот град со огромен студентски потенцијал во државата и енергијата, волјата, визијата и пламената желба за инвестирање во личното интелектуално усовршување за исполнување на предусловите за исполнет професионален живот и се разбира, успесите што ќе бидат најголемата награда за секоја жртва, посветеност, труд и напорна работа, не смее да исчезнат никогаш од фокусот на професорите, креаторите на политиката, семејството и локалната самоуправа, односно, сите ние, во нашето поле на делување, треба да го направиме максимумот за да овозможиме оваа младешка енергија да се канализира, да се насочува и да се искористи на најдобар можен начин, и за општо добро на студентите, на локалната средина, меѓутоа и централната, и во крајна инстанца, за доброто на земјата воопшто.

Меѓутоа сега, треба да подадеме рака на охрабрување и безрезервна поддршка, така како што направиле и првенците на овој универзитет, оние што го знаеја значењето на образованието на мајчин јазик, оние што ниту еднаш не се двоумеа во ниту еден миг за да го заштитат тоа право со своето тело и живот. И затоа имаме одговорност и ниту ние, ниту идните генерации не смееме да ја заборавиме оваа пожртвуваност и борба чиј резултат и плодови денес ги уживаат многуте генерации што произлегле и ќе продолжат да излегуваат од овие универзитетски клупи и ќе го дадат својот ценет придонес во секоја пора од животот, во секој сегмент од нашето мултиетничко општество.

Почитувани присутни,

Со оглед на тоа што тука сум во својство на претседател на законодавниот дом, сакам да говорам за тоа што е во нашиот делокруг и во тој контекст, сакам да ве уверам дека и покрај тешкотиите и пречките на кои наидуваме поради политичките судири, работиме во насока на подобрување на студентскиот стандард, правејќи законски измени со кои се овозможува финансиска помош во ова тешко време меѓутоа, работиме и во насока на изедначување на научниот статус и во универзитетите, така како што е тоа уредено во институтите. Со тоа, ќе се исправи пропустот што се направи во оваа насока. И, не само ова. Ќе продолжиме да бараме и да ги менуваме законските решенија во областа на образованието, имајќи отворени врати за придонесот на професионалците и на самите студенти за да ги изнајдеме најдобрите можни решенија за и нашите универзитети да чекорат во ист чекор со светските универзитети. Во текот на ова, универзитетската автономија ќе биде главниот патоказ, но во исто време, ќе ја имаме предвид финансиската и кадровска независност на универзитетите затоа што, не може да има вистинска автономија без да се имаат последните две. 

Дами и господа,

Професори и љубители на образованието, почитувани предавачи во овој универзитет, вашата должност не е лесна и ниту малку наивна, напротив, таа е исклучително благородна и вие сте како родители на овие млади фиданки и вашата посветеност кон нив ќе даде видливи и мерливи резултати, кои на крај ќе бидат наградата која ќе биде чест за вас и вашата неуморна работа. Научете ги на благородност, трудољубивост, чувство на заедништво, меѓусебна доверба и поддршка и взаемна соработка со нивните колеги од другите универзитети во државата и во светот. Ова може да донесе само успеси и нови научни достигнувања а се разбира, науката е таа што го движи моторот на понатамошниот напредок на светот.

Драги студенти,

Ви посакувам успех, ви посакувам волја и амбиција, немојте да се двоумите, немојте да се плашите од непознатото, затоа што вие можете. Ние ја гледаме нашата иднина, иднината на земјата меѓутоа и иднината на светот во вас! Сигурен сум дека заедно со академскиот кадар во Државниот универзитет  во Тетово, ќе произведувате вредности и резултати кои ќе ја позиционираат оваа образовна институција, вас самите и целото општество на највисокиот пиедестал на академскиот свет.

Почитувани, пожелувам да одбележиме уште многу успешни годишнини на Универзитетот во Тетово.

Ви благодарам на вниманието!

Click