Собраниско раководство

Вторниик, 22 Јуни 2021 година

Обраќање на претседателот Џафери на тема: „Соседите во Југоисточна Европа обединети: јакнење на механизмите за соработка за иднината на регионалната безбедност“

Почитуван претседател на Парламентарното собрание на Процесот за соработка на Југоисточна Европа и претседател на Големото Национално Собрание на Турција, г. Мустафа Шентоп, 
Почитувани претседатели на Парламенти,Почитувани претставници на регионалните и меѓународните организации, 
Почитувани претставници на медиумите, 
Дами и господа, 
Дозволете во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да изразам задоволство што денес сме собрани тука на овој значаен форум чија што цел е зајакнувањето на добрососедските односи помеѓу сите земји од Југоисточна Европа при што, взаемно, си помагаме овој регион да прерасне во регион на мир, сигурност, стабилност и соработка преку целосна интеграција во европските и евроатланските структури. 

Почитувани колеги, 
Искрено, не верувам дека некој можеше да претпостави пред какво заедничко зло ќе се исправи светот во изминативе две години. Моравме да се прилагодиме и да се воздигнеме повторно, само што овој пат побогати за едно искуство, поучени од секојдневните невозможни ситуации кои удираа силно по нашите здравствени, економски и сите сегменти поврзани со овие два исклучително значајни столбови. Се сплотивме заедно и ја потврдивме силно оправданоста на заедничките иницијативи како оваа, на која имаме можност да споделуваме, да разменуваме, да извлечеме најдобри практики преку водење на политички дијалог и градење на заеднички стратегии за решавање на регионалните и глобалните прашања со меѓународна соработка и координација на сите нивоа, а парламентарната соработка, претставува одлична можност за таквата соработка која се потпира на столбовите на регионална сопственост, инклузивност и меѓусебно почитување и тука, уверен сум дека преку взаемната размена на мислења и конструктивен дијалог за решавање на кризата со пандемијата, сите заедно ќе дојдеме до успешното справување со негативните последици и влијанија. 

 

Почитувани колеги,  
Свесни сме дека стабилноста на регионот, безбедноста на границите, неповредливоста на човечкиот и територијалниот интегритет се под постојана закана. Наша обврска е да се погрижиме и за мешаните миграции кои се заедничка одговорност. Тие не се проблем само на една држава туку совест и одговорност на сите нас кои имаме можност и моќ да спречиме, ублажиме или помогнеме во напорите за надминување на постојните предизвици. Наша обврска е да се погрижиме нашите граѓани да живеат во мир и благосостојба. Да овозможиме слободно движење, работење, пристап до квалитетно образование, достапност на здравствени услуги а во конкретниот случај со пандемиската криза, достапност на неопходната медицинска опрема, на квалитетни вакцини и се разбира изнаоѓање на начини за взаемно признавање на сертификатите за вакцини, со цел олеснување на меѓународните патувања и туризам. Приоритетно е, во ниту еден миг да не се загрози правото на слободно и безбедно движење, заштитата на јавното и колективното здравје. Затоа е важно да се одржува континуитетот во зацртаните приоритети на парламентарните собранија на Процесот, односно: максимално залагање во насока на непречено одвивање на транспортот преку Зелените коридори, безбедно отворање на границите и слободно патување на граѓаните, подобрување на регионалната инфраструктура, зајакнување на внатрешната и надворешната трговија и помагање на туристичкиот сектор, размена на најдобри практики, заеднички решенија за задржување на младите кадри во регионот и овозможување на подобро образование. Ние не смееме во ниту еден момент да се откажеме, затоа што друга алтернатива нема, искрената соработка, отворениот дијалог, разумното решавање на споровите со взаемно прифатливи  решенија при тоа, избегнување на отворање на дополнителни спорни прашања, треба и мора да биде единствениот пат. Тоа е пат кој дава резултати, за што е доказ Република Северна Македонија, која помина низ долгогодишен спор кој што даде позитивен исход само тогаш кога двете страни седнаа на заедничка маса со отворени и искрени намери. Јас се надевам дека во најбрзо време ќе се одржи и првата меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со Европската Унија, што практички ќе го одбележи почетокот на нашите преговори за пристапување во европското семејство. Затоа е важна заложбата за проширување на ЕУ и процесот на евроатланска интеграција на регионот и важноста на забрзувањето на процесот на пристапување, затоа што заедничката иднина на сите економии од југоисточна Европа е во Европската Унија. Дозволете да ја потврдам и нашата несомнена поддршка на Стратегијата за Југоисточна Европа 2030 да биде регионална заложба за унапредување на спроведувањето на Целите на Обединетите Нации за одржлив развој и Агендата 2030 и нашата поддршка за воспоставување на Постојаниот секретаријат на Парламентарното Собрание на Процесот за Соработка на Југоисточна Европа без натамошно одложување.

Драги пријатели, 
Дозволете да се заблагодарам на колегата Шентоп и на секретаријатот за одличната организација и се надевам дека истата ќе се заокружи со усвојување на заедничката Декларација.

Ви благодарам на вниманието! 

Конечна декларација 

Click