Среда, 18 декември 2013 година
Јавна расправа на тема: Економско јакнење на жените

Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија одржи јавна расправа на тема: Економско јакнење на жените, на која покрај членовите на Клубот на пратенички присуствуваа потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, пратеници на Собранието на Република Македонија, претставници на Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, потоа на локалните комисии за еднакви можности, Македонското женско лоби, Занаетчиската комора на Република Македонија, Бизнис конфедерацијата на Македонија, Федерацијата на фармери на Република Македонија и претставници на други здруженија кои работат на ова поле.
Јавната расправа ја отвори координаторката на Клубот на пратенички, г-ѓа Лилјана Кузмановска, по што следеа излагања на претставниците на институциите и организациите.
Од дискусијата произлегоа следниве заклучоци:
- Зголемување на бројот на жени-претприемачи преку промовирање на позитивни пракси - жени лидери во овој сектор;
- Преземање на конкретни мерки и активности за економско јакнење на жените во руралните средини, во согласност со усвоената Стратегија;
Преземање на активности за промовирање на претприемништвото;
- Унапредување на соработката помеѓу одговорните субјекти на планот на економското јакнење на жените и активно учество на Клубот на пратенички, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа;
- Клубот на пратенички препорачува да се преземат активности за постигнување баланс на професионалниот и приватниот живот;
- Клубот на пратенички предлага да се преземат активности за понатамошно разгледување за воведување на флексибилно работно време;
- Клубот на пратенички ги поддржува заложбите за повеќе градинки во руралните средини;
- Клубот на пратенички ќе иницира создавање база на податоци за вклученоста на жените во економските текови.