
Понеделник, 1 февруари 2016 година
Јавна расправа на Комисијата за европски прашања
Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, jа одржа 27. седница посветена на Јавната расправа на тема: „Итни реформски приоритети за Република Македонија - точка 1: Владеење на право и судство".
Со седницата претседаваше претседателот на Комисијата, г-ѓа Ермира Мехмети, која појасни дека целта на оваа Јавна расправа е да бидат разменети мислења и ставови, меѓу пратениците, владиниот и невладиниот сектор, во насока на подобрување на состојбите во врска со владеењето на правото и постигнувањето на поголема независност и професионалност на судството во Република Македонија.
Воведни обраќања по темата од Јавната расправа имаа: министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, г. Бранко Ушковски, претседателот на Советот на јавните обвинители, г. Петар Аневски и заменикот на народниот правобранител на Република Македонија, г-ѓа Васка Бајрамовска.
Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Лидија Димова, г. Хари Локвенец, г-ѓа Софија Куновска, г-ѓа Даниела Рангелова, г-ѓа Марија Ангелова, а од поканетите гости говореа: г. Мирослав Драганов од „Институтот за човекови права“; г-ѓа Антоанета Димовска, потпретседател на „Здружението на судии на Република Македонија“; г. Александар Димовски од Асоцијацијата „Зенит“ и г-ѓа Мирјана Иванова-Бојаџиевска од „Коалицијата за правично судење“.
Дискутантите се осврнаа на актуелните состојби во областа на владеењето на правото и судството, при што беа искажани констатации и мислења во врска со понатамошното унапредување на фундаменталните основи на владеењето на правото и судството, а со тоа и на функционалната демократија, како еден од важните услови за пристапување на земјата кон ЕУ.