
Понеделник, 22 февруари 2016 година
Јавна расправа на Комисијата за здравство
Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија, на 18 февруари 2016 година, одржа јавна расправа на тема: „Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за Центар за извонредност за трансплантациона медицина и хируршки болести“.
Со седницата раководеше претседателот на Комисијата за здравство, г-ѓа Јагода Шахпаска, која истакна дека излагањата на јавната расправа треба да бидат квалитетна основа во подобрувањето на законските решенија на Законот.
На Јавната расправа беа поканети и активно учество зедоа претставници од Министерството за здравство, Лекарската комора на Македонија, Универзитетските клиники за нефрологија, ТОАРИЛУЦ, дигестивна хирургија, урологија, гастроентерохепатологија, торакална и васкуларна хирургија, хематологија, ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ - Скопје, Институтот за имунобиологија и хумана генетика, Институтот за трансфузиона медицина, Македонското лекарско друштво, Здружението за правата на пациентите, Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ и други здруженија и организации кои ја третираат оваа проблематика.
Воведничари на јавната расправа беа: претседателот на Комисијата за здравство Јагода Шахпаска, проф.д-р Борче Ѓеорѓиевски од Клиника за хематологија, проф.д-р Сашо Дохчев од Клиника за урологија и проф.д-р Гоце Спасовски од Клиника за нефрологија.
Од Министерството за здравство како предлагач на законот излагање имаше г-ѓа Тања Васиќ-Бозаџиева, државен советник во Министерството за здравство.
Во натамошната дискусија учествуваа еминентни професори, доктори инволвирани во процесот на трансплантација, секој во свој домен со свои видувања, како што се: проф.д-р Кочо Чакалароски, проф.д-р Александар Карагозов, проф.д-р Сашо Стојчев, проф.д-р Гордана Петрушевска, проф д-р Александар Шиколе, проф.д-р Кочо Димитриоски и други.