Вторник, 7 октомври 2014 година
СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО Г. БРАЈАН БИНЛИ И Г. МАРК ПРИЧАРД
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со членови на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, г. Брајан Бинли и г. Марк Причард.
На почетокот беше изразено обострано задоволство за остварената средба.
Во текот на средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, како и за евроатлантските интеграции на Република Македонија, и беше искажана поддршка од страна на г. Бинли и г. Причард во однос на членството во НАТО и Европската унија.
Исто така, беше истакната и заложбата за претставување на Република Македонија и нејзино актуелизирање.

Претседателот Вељаноски ја потенцираше трпеливоста и оптимизмот којшто го има македонската страна на патот кон интегрирањето и дека е од особено значење да бидеме формално интегрирани во европските процеси, бидејќи и територијално припаѓаме на Европа.
Беше потенцирана и важноста од развој во сите области кои придонесуваат кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, со најголем акцент на економскиот развој.
На средбата беше истакната важноста и позитивните продобивки кои ги носи парламентарната дипломатија која се остварува преку овој вид на разговори, како и сите соработки кои Собранието на Република Македонија ги имало со Обединетото Кралство. Исто така, беше потенциран континуираниот пријателски однос што го имаат двете земји.