ЕУ вести



Четврток, 12 декември 2013 година

Европарламентот ја додели филмската награда „ЛУКС“

Филмот „The Broken Circle Breakdown“ на режисерот Феликс ван Гронинген од Белгија, е добитник на филмската награда „ЛУКС“ за 2013 година, која ја доделува Европскиот парламент.

Победникот го објави претседателот на европскиот законодавен дом, г. Мартин Шулц, за време на свечената церемонија во рамките на вчерашната пленарна седница во Стразбур.

Филмот претставува семејна мелодрама за справувањата на еден белгиски пар со губењето на нивната мала ќерка. Тој покажува како еден настан може да ја направи разликата помеѓу бескрајната среќа и најдлабока тага, како слатката љубовна приказна се претвора во длабока трагедија.

Овој филм победи во потесна конкуренција со филмовите „The Selfish Giant“ од Клио Бернард (Велика Британија) и „Miele“ на Валерија Џолино (Италија, Франција).

Европарламентот обезбеди превод за сите три финалисти на 24-те официјални јазици на Европската унија, како и 35 мм филмска копија за секоја земја-членка на Европскиот парламент.

Претходно овие три филмови беа прикажани на неколку важни филмски фестивали и на „Лукс филмските денови“ ширум Европа.

Од 2007 година, наградата „ЛУКС“, чие име на латински значи „светлина“, се доделува еднаш годишно преку гласање од страна на членовите на Европскиот парламент. Таа има за цел да ја покаже посветеноста на Европарламентот во поддршката на европската филмска индустрија и нејзините креативни напори.
 


 

Click