ЕУ вести



Четврток, 5 декември 2013 година

Пандемија на наместени натпревари во европскиот спорт

Борбата против корупцијата во фудбалот е неуспешна и бројката на наместени натпревари не престанува да расте – беше истакнато во Европскиот парламент во Брисел, за време на дебатата за европскиот спорт. Европратениците истакнаа дека казните за ваквите кривични дела се премногу благи и овие прекршоци често се сметаат за помалку важни.

Европската полициска агенција – Европол, во периодот 2008 - 2011 година, на Стариот континент открила 680 сомнителни натпревари, а од почетокот на годинава нови 200 сомнителни случаи.

Организацијата која ги застапува интересите на обложувалниците - „Федербет“, во изминатите пет месеци открила 51 наместен натпревар во фудбал, два во кошарка, три тениски и еден одбојкарски меч.

Како земји во кои има поголем број на наместени натпревари беа посочени Кипар, Малта и Узбекистан.

Од оваа пандемија не се поштедени дури и големите фудбалски натпреварувања, односно Лигата на шампионите и Лига Европа, посебно првите кругови каде учествуваат понепознати клубови, и тоа најчесто е случај со тимови од балтичките земји или од Источна Европа.

Затоа, претставниците на европскиот законодавен дом побараа заострување на казните за измамниците и забрана за обложување на професионалните играчи, што сè уште не е случај во цела Европа.

 

 

Click