ЕУ вести



Четврток, 5 декември 2013 година

Во ЕУ поголема продажба на велосипеди од автомобили

Од вкупно 28 земји-членки на Европската унија, во 26 од нив изминатата година биле продадени повеќе велосипеди од автомобили. Случајот е обратен само во Белгија и Луксембург. Така, со исклучок на Малта, во ЕУ во текот на 2012 година се продадени 19,7 милиони велосипеди и 12 милиони автомобили.

На пример, во Италија, минатата година биле продадени 1,6 милиони велосипеди во споредба со 1,4 милиони автомобили, што е прв ваков случај по половина век.

Ситуацијата во Шпанија е 780 илјади продадени велосипеди наспроти 700 илјади автомобили, додека во Португалија лани биле продадени 350 илјади велосипеди и само 95 илјади автомобили.

Според истражувањата, се смета дека свој придонес за ваквата статистика има дадено и економската криза во Европа, но и модерните трендови кои велат дека, меѓу другото, возењето велосипед ги согорува калориите, го штити срцето, го ослободува стресот, ја зголемува енергијата и чувството на среќа, го подобрува сонот и најважно – ја зачувува планетата.

Инаку, велосипедите првично се појавиле во 19. век во Европа. Денес има над милијарда велосипеди низ целиот свет, а во некои делови од светот претставуваат и основно превозно средство, како што е случај во Кина и Холандија. Како традиционални престолнини на возењето велосипед на Стариот континент, се истакнуваат холандски Амстердам и Копенхаген во Данска.

 

Click