Четврток, 29 октомври 2015 година
Средба на Националниот совет за евроинтеграции со г-ѓа Рене Џоунс-Бос
Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија оствари средба со заменик-министерката за надворешни работи на Кралството Холандија, г-ѓа Рене Џоунс-Бос, во придружба на амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, г. Вилем Ваутер Пломп.
На средбата, покрај претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Лидија Димова, беа присутни и потпретседателот, г. Илија Димовски, како и членовите г-ѓа Ермира Мехмети и г. Кенан Хасипи.
Претседателката Димова во своето воведно обраќање ги запозна присутните со составот и работата на Советот, воедно изрази задоволство од средбата, што е показател на одличната соработката меѓу двете држави.
Заменик-министерката Џоунс-Бос посочи дека Холандија ја дели нашата загриженост во однос на евроинтеграциите, но и понатаму ќе остане наш поддржувач во пресрет на Холандското претседателство, кое започнува од 1 јануари 2016 година.
На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација во нашата земја, договорот од Пржино, измените во законодавството, бегалската криза, како и претстојниот Извештај за напредокот на Република Македонија за 2015 година.
Присутните беа едногласни дека треба да се направи сè за повторно да се добие позитивна препорака за Македонија и отворање на двете важни поглавја - 23 и 24.