Февруари и март 2017
ЕДНОДНЕВНИ СЕМИНАРИ НА ТЕМА ДЕМОКРАТИЈАТА И СОБРАНИЕТО ЗА УЧЕНИЦИ ОД ОСНОВНО И ОД СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ
Во текот на февруари и март во Едукативниот центар на Парламентарниот институт, се одржаа два еднодневни едукативни семинари со работен наслов "Демократијата и Собранието" наменети за ученици од основни и од средни училишта на Република Македонија.
Целта на семинарите е приближување на работата на Собранието на Република Македонија до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за придобивките од демократијата.
Низ теоретски предавања, видео проекции и игри, учениците ги утврдија и проширија своите знаења за демократијата, парламентарната демократија и нејзиниот историски развој во Македонија, за принципот на поделба на власта, за местото и улогата на Собранието во политичкиот систем на Републиката, за изборот на народните претставници, постапката на донесување закони во Собранието и сл.


На присутните ученици и наставници им беше доделен сертификат за учество на семинарот.
Исто така, учениците имаа несекојдневна можност одблиску да го запознаат Собранието преку организирана обиколка на неговите најрепрезентативни простории.