Собраниско раководство



18.07.2008

ГОВОР на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Средбата на децата бегалци од Егејска Македонија

Почитуван претседател на Република Македонија  Бранко Црвенковски,

Дами и господа, екселенции, почитувани пријатели, драги браќа и сестри

Во историјата на македонскиот народ има повеќе голготи. Во нашата понова историја, поточно пред 60 години, како последица на Граѓанската војна во соседна Грција, таква голгота доживеаја над 80.000 наши браќа и сестри од Егејскиот дел на Македонија. Меѓу нив имаше 28 илјади деца на возраст од 2 до 14 години кои беа оттргнати од прегратките на нивните родители и префрлени во повеќе источно-европски држави. Денес повеќето од нив живеат овде со нас во нашата татковина Република Македонија, но не е мал бројот на оние кои живеат во САД, Канада, Австралија и други држави.

Но, останува историскиот факт дека по сите овие страдања и борби за опстанок, македонскиот народ излегува како победник покажувајќи и докажувајќи дека навистина сме мала, но силна европска нација со сопствен  препознатлив национален идентитет.

Националниот идентитет не може административно да се избрише. Некогашната заедничка држава, во која се обидуваа да го супституираат националниот идентитет со некакво југословенство, се распадна, но останаа Македонци, Хрвати, Срби, Словенци...  Затоа и денешната средба на Децата бегалци од Егејска Македонија, верувам сите ние ја доживуваме токму како уште еден доказ за историското паметење, дека македонскиот народ со својот јасно препознатлив национален и културен идентитет, е вистина која не може да се избрише со сила и со страдања, но ниту со триесет сребреници.

Почитувани,

Христијански е да се простува, човечки е да не се заборава, а цивилизациско право е да бидеме и да се декларираме онака како што самите се чувствуваме - Македонци. Токму затоа што сме Македонци и што не се откажуваме од својот идентитет, пред 60 години се случи и голготата на нашите браќа и сестри од Егејска Македонија. И денеска, по 60 години, 28 илјади тогашни деца и нивните поколенија кои не се откажуваат од  македонскиот идентитет, како и оние што живеат во соседна Грција, не можат да ги остварат своите елементарни човекови права. Само затоа што сме Македонци неодамна на Самитот во Букурешт не бевме примени како полноправна членка на НАТО, иако сите членки освен нашиот јужен сосед беа согласни дека Македонија ги исполнува сите услови за прием. Таа црвена линија, почитувани пријатели, не можеме да ја поминеме, бидејќи ако се откажеме од националниот идентитет едноставно ќе нe снема. Тоа денеска го разбираат и нашите пријатели од  Европа и светот.

Драги пријатели,

Факт е дека во минатото, во заедничката држава, а и по осамостојувањето на Република Македонија, како да се бегаше од прашањето за македонското малцинство кај соседите, а посебно се бегаше од отворањето на прашањето за македонското малцинство во соседна Грција и во тие рамки  проблемот на децата бегалци.

Во тој дух и со таа цел, треба да се гледа и писмото што премиерот Никола Груевски неодамна го упати до премиерот на Владата на соседна Грција. Во писмото се бара само исправање на евидентните историски неправди направени пред 60 години, кои се отворени и денеска, при што не се доведува во прашање сувереноста или територијалниот интегритет на нашиот јужен сосед.

Верувам дека овие укажувања така ќе бидат разбрани од страна на нашиот сосед, но и пошироко бидејќи се втемелени врз меѓународните принципи.  

Зарем треба постојано да потсетуваме на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна и каква било друга дискриминиција, или на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Ги споменав овие неколку значајни меѓународни документи бидејќи нашиот јужен сосед е членка на Обединетите нации и полноправен член на ЕУ и НАТО.  А токму врз овие документи се темелат и вашите права кои се кршат веќе шеесет години, и токму врз овие документи и меѓународни принципи, се темели обврската на секоја држава да ги почитува општите човекови права, но и правата на националните малцинства.

Македонија како членка на Обединетите нации, како европска држава не само географски, туку и цивилизациски е дел од европското семејство на народи, максимално ги почитува овие меѓународни стандарди и норми. Затоа и со право бараме тие да се почитуваат и од другите, бидејќи нивното непочитување денеска во однос на нас Македонците, во суштина е насилство и непочитување на европските стандарди.

Дами и господа,

Во овој период на независна и самостојна држава, но и во целокупниот историски развој македонскиот народ покажа и докажа дека секогаш бил отворен до другиот, до различниот. Секогаш сме ја покажувале волјата и определбата за градење на добрососедски односи кои се темелат врз взаемно почитување и уважување на заедничките интереси. Секогаш сме покажале отвореност и почит кон културните и националните вредности на другите, секогаш сме биле подготвени нашите културни и национални вредности како дел од општото човеково наследство да ги споделиме со секој добронамерник.

Но, и секогаш сме покажале дека знаеме да се спротивставиме и дека можеме да го одбраниме својот национален и културен идентитет.

Затоа и како Парламент, и како владејачко мнозинство, кое според демократските принципи има најголема одговорност, ќе продолжиме во остварувањето на нашите стратешки определби, членство во НАТО и ЕУ како и развивање на добрососедските односи со што обезбедуваме мир, стабилност и економски развој на Република Македонија, на регионот но и пошироко. Притоа сакам посебно да истакнам дека за овие определби имаме целосен консензус од сите политички парти и поддршка од над 90 проценти од граѓаните на Република Македонија.

Токму затоа, оваа наша денешна средба и манифестација со која ја одбележуваме незавршената голгота на децата бегалци, јас ја гледам, а се надевам го делите моето мислење, како величенствен чин во одбрана на човековото достинство и почит на основните човекови слободи и демократски права.


Благодарам на вниманието

Click