Собраниско раководство



21.11.2008

ГОВОР На претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, по повод 22 ноември - Денот на албанската азбука

Permbi za, qe leshon bilbili,
gjuha shqipe mshungulon
Permbi ere, qi nep zimbili
Pa da zemren ma ngushllon

Дами и господа,
Екселенции
Почитувани пријатели

Верувам дека многу од вас ги препознаваат овие стихови кои се напишани во далечната 1908 година, а авторот, Ндре Мједа, учесник на конгресот, поттикнат од заклучоците, можеби на најубав начин ја доловил атмосферата која пред 100 години се случувала во Битола, во куќата на познатото семејство Киријази.  Не треба да потсетувам што значи за еден народ да има своја азбука и свое стандардизирано писмо, но факт е дека со заклучоците на Битолскиот конгрес, а потоа потврдени и на Конгресот во Елбасан во 1909 година, албанскиот јазик, писмо и литература стануваат дел од човековото културно наследство, како универзална категорија, која не познава ниту граници ниту национални, верски или какви било разлики. Денеска еден Исмаил Кадаре, Луан Старова, Дритон Аголи, Исак Мурати, Али Алиу и многу други албански книжевници, се дел од светското културно наследство, а сите можат да уживаат во нивната пишана реч и прекрасните стихови.

Почитувани пријатели, Битолскиот конгрес и неговите заклучоци имаат и уште една значајна димензија, а тоа е стремежот за самостојност и за зачувување на сопствениот културен и национален идентитет. И уште нешто, сето ова се случува на Балканот, во еден турбулентен период кој кулминираше со Првата светска војна. Но, тоа што е значајно дека на конгресот донесените заклучоци не се вперени против другите балкански народи, а најмалку против македонскиот народ. Ова покажува дека со векови сме живееле заедно еден со друг делејќи ги и убавите и лошите работи. Сакам за момент да ве потсетам на Крушевскиот манифест или на пишувањата на Крсте Мисирков, каде што посебно се истакнати истите вредности и определби.

Дами и господа

Денеска во Република Македонија како држава на сите нејзини граѓани, албанската етничка заедница, но и другите имаат уставно правна основа која им овозможува да ја зачуваат и развиваат својата национална култура и идентитет. Дозволете да истакнам дека во последниот извештај на Европската комисија јасно е утврдено дека имаме квалитетен напредок во натамошната имплементација на Охридскиот договор. Да потсетам дека неодамна го донесовме во Собранието на Република Македонија и Законот за јазиците. Не би сакал сега да зборувам за квантитативни податоци, но фактот дека над 75 илјади основношколци ја следат наставата на албански јазик зборува за фактичката состојба.

Од оваа учебна година и средното образование стана задолжително. Тука е и Државниот универзитет во Тетово како и Универзитетот на Југоисточна Европа, но и други високошколски институции каде што нашите млади сограѓани можат на својот мајчин, албански јазик, да се образуваат.
А утре заедно со другите, Македонци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, и други да дадат свој придонес во остварувањето на денешните идеали и определби, да се живее подобро, да се живее слободно и во мир, да се живее како дел на големото европско семејство.
Верувам почитувани пријатели дека само на тој начин ќе можеме навистина да ги оствариме идеалите и визионерството на нашите  предци.

Ви благодарам.



Click