Собраниско раководство



02.08.2008

ГОВОР На претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски во Крушево по повод празникот Илинден

Почитувани граѓани на Република Македонија, Илинденски потомци, Почитуван претседател на Република македонија, г-н Бранко Црвенковски Ваши екселенции, Преставници на Македонската Православна Црква и на другите верски заедници во Република Македонија Драги гости, почитувани Крушевчани

Денеска сме овде да им одадеме почит на славната иленденска генерација која токму овде пред 105 години ги постави темелите на Македонија како самостојна држава.  Овде на Мечкин Камен, пред 105 години борците на Питу Гули се саможртвуваа на олтарот на слободата, херојски чин кој што стана синоним  за непокорот на македонскиот народ, и неговата борба за слобода.

"Подобро ужасен крај отколку ужас без крај" запиша Даме Груев, мисла која преточена во заклетвата на илинденците "Слобода или смрт", со својата жестокост ја изразува енергијата и свеста како се прави држава но и како да се зачува националниот идентитет и битие.

Но Илинден од 1903 и илинденците, на Македонскиот народ и на сите граѓани, а без лажна скромност можеме да речаме и на Европа, како трајно наследство им го остави и Манифестот во кој се вградени сите принципи на она што денеска го викаме човекови права слобода и толеранција и почитување до другите.

 Дозволете да цитирам дел од овој документ онака како што е напишан пред 105 години

"Ние вашите вечни комшии пријатели и познајници от убавото Крушово и от неговите китни села без разлика на вера народност пол и убежданија, неможејки веќе да трпиме тиранијата..  шчо гледаат и нас и вас да дотераат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустина, денес дигнафме глава и решивне со пушка да се браниме од наши и ваши душмани и да добиеме слобода... Бидејки от дедо-прадедо си живејме како браќа на оваја земја ние ве имаме како сфои и сакаме докрај да останиме сфои. Ние не дигнафме пушка протиф вас - това би било срам за нас; ние не дигнафме пушка против мирниот трудољубивиот и чесниот турски народ.. - тој јет наш брат со него сме живееле и пак сакаме да живееме... Требит да знајте оти вашиот живот, вашата вера и вашата чес ни се толку скапи колку шчо ни се скапи нашите... Елате браќа муслимани при нас да тргнеме против вашите и наши душмани! Елате под бајракот на Афтономна Македонија! Македонија е наша мајка и викат на помош... Ама ако ви јет намуз да дојдите при нас и да се објавите протиф царската тиранија, ние вашите по таткојна и по страданија браќа, немат да се докачиме и не ќе ве мразиме. Ние сами ќе се бориме и за нас и за вас, ако јет потребно до еден ќе умриме за нашата и вашата слобода и за нашето и ваше право" Нека Госпот Бог да благослојот светата борба за правото и слободата!"( затворен цитат)

Дами и Господа, браќа и сестри

Овие определби и вредности, поставени пред 105 години ја создаваат самата суштина, го конституираат самиот дух,и го насетуваат самото битие на македонската државна мисла.

Четириесет години по хероиката на Илинденското востание принципите  за кој станува збор - доживуваат славна потврда.

Историски факт е дека овие определби, сега како морални принципи и политички вредности се втемелени во Вториот Илинден - АСНОМ 1944 одржан во Манастирот Свети Прохор Пчински. Вториот Илинден, на Ченто, на Рацин, на Брашнаров, на Кузман, не само што покажуваат континуитетот на идеите и македонскиот непокор, туку на своевиден начин ги сплоти старите и новите илинденци и ги постави темелите на современата македонска држава.

Младата македонска интелегенција како и илјадници граѓани на Македонија  влегоа во НОБ  под македонското знаме, борејки се за слободата на сопствената држава за слободата на сите граѓани во неа, како и за зачувување и развивање на македонското  национално битие. Но во истовреме борците од НОБ се бореа и против најголемото зло кое се појави на европскиот простор - фашизмот. Бевме меѓу првите народи во Европа кои со пушка се спротиставија на тоа зло, кое беше насочено против сите  основни демократски, политички, етички, верски и цивилизациски принципи. Бидејки фашизмот како идеологија  беше против човекот. 

Затоа со право сакам и денеска,  од овде, кога ги чествуваме и двата Илиндена да потсетам дека Македонскиот народ бил и останува дел од европското семејство на народи. Во својот непокор и вековна  борба за самостојност, за својот национален идентитет, Македонскиот народ секогаш се борел и за  слободата самостојноста и на другиот, односно се борел за универзалноста на основните човекови права и слободи.  Активното учество на припадниците на Армијата на Република Македонија во Ирак, Авганистан, Босна, и на други места ја покажува нашата определба за мирот и слободата, за почитување на човековите права како неделиви вредности.

Неодамна, премиерот Никола Груевски токму поаѓајки од тие универзални човекови права и слободи, упати писмо до премиерот на грчката Влада барајки доследно почитување на основните човекови права на Децата бегалци од Егејска Македонија. А нивната голгота трае 60 години. Притоа во никој случај не го доведуваме во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на нашиот јужен сосед 

Секоја генерација има свој Илинден за кој се бори и сонува. Во минатиот век македонскиот народ сонуваше и се бореше за слобода и сопствена држава, која преку двата Илиндена ја закоруживме на 8 септември 1991 година. На почетокот од 21 век  Македонскиот народ се соочува со поинакви предизвици. Зачувување на националниот идентитет, а во истовреме  градење на модерна демократска и економски развиена држава која ќе биде интегрирана во ЕУ и НАТО.

Вие сите знаете а богами понекогаш и болно ги чуствуваме реформите кои ги правиме за остварувањето на критериумите за членство во ЕУ. Вие сите знаете дека  ги исполнивме критериумите за членство во НАТО. Но на самитот во Букурешт не бевме поканети во НАТО, само затоа што сме Македонци и несакаме да се откажаме од својот национален идентитет. 

Браќа и сестри

Ниту една политичка елита нема право да се ценка или да прави компромиси со македонскиот национален идентитет. Тоа е таа црвена линија која неможеме да ја поминеме, која се темели врз двата Илиндена, вградени во историското сеќавање на денешните генерации, но која е и иднина за генерациите што доаѓаат.

Верувам дека сите заедно без разлика на политичка национална или верска припадност можеме да ги оствариме нашите определби и стремежи. Верувам дека само заедно можеме Македонија да ја направиме успешна и економски просперитетна.  Верувам дека сите заедно ќе продолжиме со остварувањето на Рамковниот договор не само како уставна категорија туку и како еден од столбовите на македонското мултиетничко општетво и демократија. Принцип и определба која беше поставена уште во Првиот Илинден.

Како владеачко мнозинство ние сме свесни за одговорноста и небегаме од неа кога станува збор за остварување на овие определби. Едноставно, од историската одговорност неможе да се избега.  Затоа продолжуваме со нашите задачи и обврски. Продолжуваме со заокружување на судските реформи. Бидејки само во вистинска правна држава во која владее правото и во која има самостоен и професионален  судски систем,  може граѓанинот да се чуствува вистински слободен, бизнисменот да се чуствува сигурен за својот капитал, политичарот да се чуствува одговорен пред законот и дека не е над него. Продолжуваме со борбата против корупцијата и организираниот криминал кои денеска, заедно со тероризмот имаат глобална димензија и го загрозуваат мирот.

Продолжуваме со нашата надворешна политика и стратешките определби за членство во ЕУ и НАТО, но и како веќе потврден и активен чинител на мирот во регионот и пошироко.

И во тој дух на демократија, на заедништво, на слобода и солидарност, на толеранција и почитување на различноста, верувам дека сите ќе продолжиме да сонуваме и да работиме и да ги надградуваме определбите, стремежите на двата Илиндена.  Крушевскиот манифест завршува со поздравот "Ура за Автономна Македонија" денеска благодарејки на сите илинденци на сите борци и сонувачи за слободна и самостојна Македонија ние имаме можност со гордост да речеме "Ура за Европска Македонија"
Нека ни се среќни и долговечни двата Илиндена.

Click