Активности



Среда, 9 декември 2009 година

Деветнаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на првото продолжение од деветнаесеттата седница, одржана на 7 декември 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за водите (прво читање).

На комисијата во својство на претставници-предлагачи на Предлог-законот, присуствуваа пратениците Јован Лазаров и Владанка Авировиќ.

Пратеникот Јован Лазаров, образложувајќи го Предлог-законот за изменување на Законот за водите, посебно ги нагласи целите што треба да се постигнат со донесување на овој закон, а кои се однесуваат на неможноста и немање капацитет да се имплементира решението од Европската директива, која бара донесување на повеќе од 100 подзаконски акти за да може ова прашање да биде компактибилно со Европското законодавство.

Тој посебно го потенцираше фактот дека одредени надлежности од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да преминат во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, што значи дека Предлог-законот ќе овозможи реална претпоставка прашањето за управувањето со водите во Република Македонија да се остварува во овој период како преодно решение сè со цел новите решенија што ќе треба да се донесат да бидат целосно јасни и во пракса применливи. Тој посочи дека веќе се формирани водни заедници на волонтерска основа, кои не даваат позитивни резултати, што потребата за донесување на овој Предлог-закон го чини реално потребен. На крајот, пратеникот укажа дека со избрзаната трансформација ќе се остварат половични резултати и прашањето нема да се реши трајно.

Со своја дискусија по Предлог-законот учествуваа пратениците Никола Ќуркчиев, Панче Дамески, Владанка Авировиќ, Васко Шутаров и Цветан Трипуновски.

По завршување на расправата, Комисијата со два гласа „воздржани“ и шест „за“, оцени дека Предлог-законот за изменување на Законот за водите (прво читање) е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.
 

Click