Активности



Понеделник, 14 декември 2009 година

Триесет и четврта седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на седницата одржана на 11 декември 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (прво читање).

Потребата од донесување на законот ја образложи претставникот на Владата, министерот за правда, г. Михајло Маневски. Тој истакна дека целта заради која се предлага донесување на измени и дополнувања на Законот за облигационите односи е првенствено доразработување на решенијата што се однесуваат на институтите казнена и договорна камата.

Членот на Комисијата, г-ѓа Роза Топузова Каревска, истакна дека пратениците на ЛДП ќе го поддржат донесувањето на законот. Пратеничката ја истакна важноста од одржување на надзорна расправа која ќе даде конкретна слика на практичната примена на овој закон, односно резултатите кои истиот ги постигнал.

Членот на Комисијата, г. Васко Шутаров, истакна дека со примената на овој закон во реформата на облигационото право се става црта на селективноста. Во казнената каматна и договорна политика се воведува еден нов инструмент, а тоа е Европската каматна стапка. Европската каматна стапка ќе ја утврдува Европската централна банка, а сите долгови и побарувања кои се изразени во странска валута ќе се пресметуваат според таа каматна стапка. Домашните побарувања и долгувања ќе се пресметуваат според референтната каматна стапка утврдена од Народната банка. 

Врз основа на расправата, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, едногласно констатира дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click