Активности



Понеделник, 11 мај 2009 година, Комисија за здравство

Единаесетта седница на Комисијата за здравство

Комисијата за здравство на Единаесеттата седница го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година и констатира дека има потреба од негово донесување. Со измените и дополнувањата на приходната страна се предвидува ревидирање на планираните приходи од околу 7% во однос на планираните проекции, а на расходната страна ќе се врши ревидирање на планираните расходи во согласност со можноста за обезбедување ревидирани приходи по основ на намалување на категоријата на расходи за исплати на плати и надоместоци за вработените кај буџетските корисници и кај фондовите за околу 4%. 

Поконкретно, за Министерството за здравство се планирани средства во износ од 1.748.052 илјади денари, односно намалувањето е за 9,12% во однос на планираниот буџет за 2009 година. 

Беше речено дека нема застој во реализацијата на планираните активности во здравствената дејност, како што се реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи, медицинска опрема за потребите на истите, изградба на 17 амбуланти во рурални подрачја и интегриран здравствен информатички систем. Завршена е постапката со склучување на договор за набавка на електронска здравствена картичка, а ќе се изврши и набавка на хардверска опрема за потребите на интегрираниот здравствен систем. 

Позитивно беа оценети планираните незначителни средства за лекување на ретки болести во делот на куративната здравствена заштита за превенција кои за прв пат се програмирани како ставка во Буџетот. Што се однесува до ХПВ вакцината, средствата не се намалуваат, вакцинацијата ќе продолжи, а се одложува само плаќањето по овој основ. 

Комисијата со мнозинство гласови заклучи овој Предлог да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

На седницата беше разгледан и Амандманот кој се однесува за бришење на членот 4, но со 2 гласа „за” и 6 гласа „против” не беше усвоен.

Click