Активности



 Понеделник, 16 ноември 2009 година                                                           

Учество на делегација на Собранието на Република Македонија во работата на комитетите на 55. заседание на Парламентарното собрание на НАТО

Делегација на Собранието на Република Македонија учествуваше во работата на комитетите, што во рамките на Педесет и петтото заседание на Парламентарното собрание на НАТО, се одржаа на 14 и 15 ноември 2009 година во Единбург, Велика Британија.

Делегацијата ја сочинуваа пратениците: г. Талат Џафери, шеф на делегацијата, г. Владо Бучковски, член и г. Павле Трајанов, заменик- член  на делегацијата.

Во рамките на Политичкиот комитет се усвои Резолуција за реафирмирање на политиката на НАТО на отворена врата со која повторно се  потврди дека Алијансата е отворена за сите демократски европски држави кои сакаат и имаат способност да ги унапредат принципите на Вашингтонскиот договор и кои придонесуваат за мирот, стабилноста во евроатлантскиот регион. Со амандман поднесен од страна на германската делегација, а усвоен од Политичкиот комитет, Резолуцијата се дополни со два нови става за Република Македонија и на тој начин се издвои од останатите земји-аспиранти за членство во Алијансата.

Со амандманот се истакнува дека покана за приклучување во НАТО на Република Македонија ќе ѝ биде доставена веднаш штом ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за името. Иста така, се бара Владата и Собранието на Република Македонија  да продолжат да го користат инструментот Акционен план за членство (МАП) за да ги продолжат неопходните реформи и да работат на заедничко прифатливо решение за името на патот кон членство во НАТО.

Се очекува Резолуцијата за реафирмирање на политиката на НАТО на отворена врата да се потврди на пленарната седница на ПС на НАТО што ќе се одржи на 17 ноември.        

Инаку, преку 350 парламентарци од 28 членки на Алијансата и од повеќе од 20 парламенти со асоцијативен статус се состанаа да дискутираат и да го искажат своето мислење и загриженост за голем број безбедносни прашања.

Главните дискусии се одржаа во рамките на петте комитети на ПС на НАТО, а врз основа на извештаите подготвени од пратениците-членови на Собранието и презентациите од меѓународни експерти за безбедност.

Операциите предводени од НАТО во Авганистан, како и релациите со Русија беа високо поставени во работата на комисиите и беа главен фокус во нивната работа. Подготовката на новиот стратешки концепт на НАТО, состојбата во Пакистан, Иран, пиратството, климатските промени, енергетската безбедност, тероризмот, нуклеарната сила, одбранбените буџети, како и безбедноста на храната, беа прашањата што исто така се разгледуваа.

Click