Активности

Понеделник, 30 ноември 2009 година

Евроинтегративниот процес е приоритет на Република Македонија

Комисијата за европски прашања, во Собранието на Република Македонија организираше јавна расправа на тема „Преку преговори до ЕУ“. Воведно излагање имаше претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов, а свои обраќања имаа амбасадорот на Кралството Шведска (актуелен претседавач со ЕУ) во Република Македонија, Н.Е. Ларс Фреден, амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Н.Е. Алан Брајан Бергант, г. Александар Кржаловски, претседател на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и државниот советник во Секретаријатот за европски прашања, г. Драган Тилев.

Цел на јавната расправа беше да се информираат учесниците за подготвеноста на Република Македонија за почнување со преговори за ЕУ членство, отворање на дебата за можните проблеми и пречки во процесот на преговори и да се предложат мерки и активности за навремена и стручна подготовка на државата за почеток на преговори со ЕУ.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов,  истакна дека Република Македонија ги има исполнето сите неопходни критериуми за  отпочнување на преговорите со ЕУ, што неодамна го констатираше  и Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија 2009 година. Воедно, оваа дебата беше можност да се покаже дека евроинтегративниот процес е приоритет на Република Македонија.

Амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Ларс Фреден, во своето обраќање посочи дека преговарачкиот процес е долг и детален и секоја земја би била успешна доколку има политичкиот консензус, усогласување со законодавството на ЕУ и преговарач кој ќе има двојна улога да ги застапува интересите на Република Македонија во Брисел, но и поттик за спроведување на реформски актвиности во државата.

Исто така, амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Н.Е. Алан Брајан Бергант, ја поздрави иницијативата за јавната расправа на овој важен ден за Република Македонија, кога се очекува да биде соопштена одлуката за визна либерализација за Република Македонија.

Комисијата за европски прашања изрази надеж дека препораките на Европската комисија и Европскиот парламент ќе  бидат преточени во добивање на датум за преговори за Република Македонија во заклучоците на Советот на Европската унија во декември 2009 година.
Click