Активности

Вторник, 24 ноември 2009 година, Стразбур

Европарламентот побара да се продолжи со реформи на патот за членство во ЕУ

На првиот ден од пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, беше истакнато дека сегашните и потенцијалните земји-кандидатки мора да продолжат со реформите на патот за евентуално членство во Европската унија.

Клучните прашања, како законодавните права, слободата на изразување, третирањето на етничките малцинства и борбата против корупцијата и организираниот криминал, се оние кои мора да се решат, се вели во Резолуцијата, која вчера беше објавена од Комисијата за надворешни работи.

Резолуцијата 2009 на Европската комисија за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, Турција и Исланд, изготвена од италијанскиот европратеник Габриеле Албертини, ќе биде расправана на утрешната пленарна седница, а за неа ќе се гласа в четврток, на 26 ноември.

Од Советот беше побарано на самитот во декември да ја потврди препораката на Европската комисија за давање датум за почеток на преговори за Република Македонија.

Европратениците го потенцираа фактот дека Република Македонија ги има исполнето сите критериуми за добивање визна либерализација. Беше кажано дека земјата сè уште работи во делот на реформата на јавната администрација и судскиот систем, борбата со корупцијата и подобрување на правата на жените и меѓуетничките односи.

Во врска со спорот со името, Европарламентот ги повика владите на двете држави да ги интензивираат своите напори за да најдат решение.
Click