Активности



Понеделник, 11 мај 2009 година, Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство

Разгледан Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Тринаесеттата седница го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година. Со ребалансот се предлага намалување на вкупните приходи за 10,1 милијарди денари, односно за околу 7% помалку во однос на иницијално утврдените и тоа поради намаленото остварување на даночните приходи во првиот квартал од 2009 година како последица на влијанието на економската криза во реалниот сектор, ревидирање на даночните приходи во согласност со намалената стапка на пораст на БДП од 1% и стапка на инфлација од 1 до 2%.

Овој Предлог значи одложување на планираното зголемување на платите за 10% на вработените во јавната администрација, времена забрана за нови вработувања, намалување на тековните расходи за стоки и услуги и намалување на капиталните расходи.

Во однос на субвенциите  во земјоделството, тие остануваат непроменети и истите во текот на 2009 година ќе бидат распределени на земјоделците. 

На комисијата беше потенцирано дека со Ребалансот на Буџетот се врши  прилагодување на расходите со приходите, односно ревидирање со макроекономските показатели и дека со него се очекува да се одржи макроекономската стабилност.

Комисијата  едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги разгледа и донесе изменувањата и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

Click