Активности

Петок, 20 ноември 2009 година

Херман ван Ромпуј - прв претседател на Европскиот совет, Кетрин Маргарет Ештон – прв министер за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ

Лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија, на вонредна средба во Брисел, го назначија премиерот на Белгија, Херман ван Ромпуј, за прв претседател на Европскиот совет, додека британскиот еврокомесар за трговија, баронесата Кетрин Маргарет Ештон, е новиот висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ.

„Ова е одлука во која учествуваа лидерите на сите земји-членки, сите се сослушани и одлуката е донесена едногласно“, изјави шведскиот премиер и претседавач со ЕУ, Фредрик Рејнфелд.

Според Лисабонскиот договор, претседателот на Советот на ЕУ ќе ја претставува Унијата на меѓународните самити и ќе помага за едногласност во Советот.

„ЕУ им припаѓа на сите нас и треба да биде тука за секоја земја-членка. Ние сме на едно заедничко патување кон заедничка дестинација, но сите имаме свој сопствен багаж и мора да ни биде дозволено да се разликуваме еден од друг“, изјави г. Херман ван Ромпуј.

Новоизбраната претставничка за надворешна и безбедносна политика ќе биде и потпретседател на Европската комисија, задолжена за меѓународните односи на Унијата. Таа ќе претседава со состаноците на шефовите на дипломатиите на 27-те земји-членки, ќе учествува во работата на Европскиот совет, а ќе има и посебна дипломатска мрежа во светот.

„Работата со Советот и Комисијата ќе ми бидат предизвик, и како прв човек на оваа функција ќе биде предизвик. Бев прва жена британски европски комесар, потоа прва жена комесар за трговија и сега прва жена на оваа позиција“, изјави Кетрин Маргарет Ештон.

Новоизбраните функционери на Европската унија ќе почнат да ја извршуваат својата должност од 1 декември.
Click