Активности



Четврток, 3 декември 2009 година

Обраќање на претседателот Вељаноски во Универзална сала на одбележување на 3 Декември - меЃународен ден на лица со инвалидност

Дами и господа,
Екселенции,
Почитувани присутни,

Денеска во целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. Основна цел на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност е уште еднаш да се потсетиме дека овие наши сограѓани се тука меѓу нас. Но, истовремено и да погледнеме што сите ние како поединци и како институции, односно како држава во целост, сме направиле за овие наши сограѓани за во целост да се вклучат во сите сфери на општественото живеење. Тоа е наша законска обврска, а уште повеќе тоа е наша морална обврска, ако како поединци и како институции хуманоста ни е вистинска, а не само декларативна вредност. 

Драги пријатели,
Ако погледнеме од законски аспект, Република Македонија се вбројува во оние држави кои добро ја регулираа оваа проблематика. Сакам да потсетам дека неодамна го донесовме Законот за употреба на знаковниот јазик, а пред тоа го донесовме Законот за инвалидските организации, како и Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалиди. Сепак, како законодавен дом со самото донесување на законите не сме ја завршиле работата. Потребно е да се следи како овие закони се имплементираат во секојдневието, каде се појавуваат недореченостите во законот, но и како тие да се поправат.

Кога зборуваме за положбата и општествената интеграција на лицата со инвалидност, многу значајна димензија  е  образовниот процес, преку кој тие ќе можат да се образуваат и како да ги стекнат највисоките академски степени. Во Република Македонија во рамките на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ веќе 15 години дејствува Институтот за дефектологија.  

Овој Институт, кој денеска, исто така, свечено го одбележа Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, образува квалитетни кадри кои директно се вклучени во едукативен и воспитно-образовен процес на лицата со инвалидност. Денеска кога живееме во глобален свет, токму образованието е предуслов да се обезбеди квалитетен живот. Но, истовремено преку образовниот процес треба сите да сфатат и да прифатат дека лицата со инвалидност не се различни од другите. Тука ја гледам и улогата на невладиниот сектор, а како што реков, тука е и одговорноста на секој од нас како единка. 
 
Почитувани,
Без разлика на сè, мислам дека е најважно кога зборуваме за правата на лицата со инвалидност, да ги надминеме оние стереотипи и предрасуди кои за жал се присутни. 

На лицата со хендикеп не им е потребно нашето сожалување или некаква милост. Потребно е да им покажеме и да им докажеме дека тие се исти како сите другите луѓе.  

Зарем не е вистински успех и достигнување на учениците од Училиштето за лица со посебни потреби „Иднина", кои годинава на фестивалот во Полска го освои првото место. Што да се  рече за подвигот на нашиот сограѓанин Дејан Зафировски, кој со велосипед возеше до Ница, или за сликарството на Роза Мојсовска, кое денеска е познато како кај нас, така и во регионот и пошироко.

Останува само да им се заблагодариме за нивните дострели и подвизи, бидејќи не само што покажуваат дека лицата со хендикеп се исти како нас другите, туку со своите достигнувања ја промовираат нашата држава и сите нејзини граѓани ширум светот. Јас вечерва споменав само неколку кои со своето работење, со својата волја и својот талент постигнале врвни резултати, а убеден сум дека сите сме сведоци дека лицата со хендикеп на своите работни места, во образовниот процес, во нивното општествено ангажирање, или едноставно речено, во секојдневието, во ништо не заостануваат зад другите.  

Драги пријатели,
Денеска во целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. Вечерва овде сите сме среќни и задоволни. Верувам таа позитивна енергија сите ја чувствуваме. Јас би сакал секој од нас кој вечерва е тука, како и оние кои го следат телевизискиот пренос, оваа позитивна енергија да ја задржат 365 дена. Верувајте, тоа ни е потребно на сите нас.

Ви благодарам 

Click