Активности

Среда, 25 ноември 2009 година, Комисија за еднакви можности на жените и мажите

Одбележана 10-годишнината од прогласувањето на 25 ноември за Меѓународен ден за искоренување на насилството врз жената

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на четиринаесеттата седница ја одбележа 10-годишнината од прогласувањето на 25 ноември за Меѓународен ден за искоренување на насилството врз жената, на иницијатива на Собранието на Интерпарламентарната унија, а воедно како втора точка на дневниот ред го разгледа и Предлог-законот за дополнување на Изборниот законик.

На седницата присуствуваа: претседателот на Комисија за еднакви можности на жените и мажите, г-ѓа Лилјана Поповска, членовите и заменик- членовите на Комисијата, како и претставници од Министерството за труд и социјална политика, Женското лоби, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, ОБСЕ и Граѓанскиот и Невладиниот сектор.

На расправата беше разгледана Декларацијата за борба против насилството врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство, Декларација која Република Македонија ја има донесено на 24 ноември 2006 година. Исто така беше дистрибуирана и Резолуцијата усвоена со консензус од 114 Собрание на ИПУ на 12 мај 2006 година на тема „Како парламентарците можат и мораат да промовираат ефективни начини на борба против насилството врз жените на сите полиња”.

Учесниците на расправата констатираа дека и понатаму треба да се работи на подигнување на свеста на јавноста за проблемите на насилството врз жените, да се унапреди законската регулатива и нејзино целосно имплементирање во оваа област, да се подобри системот на заштита на жртвите на насилството и да се едуцираат професионалните структури, со цел препознавање и справување со насилство.

Како заинтересирано работно тело, Комисијата го разгледа и Предлог-законот за дополнување на Изборниот законик, кој со 2 гласа „за” и 5 „воздржани“ не ја доби потребната поддршка.

 

 
Click