Активности



Понеделник, 11 мај 2009 година, Прага, Република Чешка

Петар Поп-Арсов оствари средби со повеќе претседатели и членови на Комисиите за европски прашања на земјите- членки на ЕУ

Во рамките на чешкото претседавање со Европската унија на Конференцијата на комисиите за европски прашања КОСАК, која што се одржува денес и утре во Прага, учествува и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов.

Во дебатата по актуелните приоритети и прашања на чешкото претседателство говореше новоизбраниот премиер на Владата на Чешката Република г.Јан Фишер, кој во своето излагање се осврна и на прашањето за потребата за понатамошно проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.

Во својата  дискусија новоизбраниот заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, г. Марек Мора, во врска со визната либерализација се осврна на Македонија при што истакна дека има иронија во тоа што во минатото Чесите и Словаците не можеа слободно да патуваат во земјите на Европска унија, додека  Македонците  слободно се движеа, а сега е обратно.

Господин Марек Мора, како претставник на чешкото ЕУ претседателство, најави дека ќе има прогрес во јуни годинава во однос на ова прашање.

На конференцијата претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп-Арсов  оствари средби со повеќе претседатели и членови на комисиите за европски прашања на земјите- членки на ЕУ, на кои стана збор за потребата за што поскоро добивање на датум за преговори за нашата земја и визна либерализација за македонските граѓани.

Како резултат на овие средби, на конференцијата забележителна дискусија имаше и претставникот од  Државнот збор на Република Словенија, г. Франко Јури, кој, меѓу другото, истакна дека процесот на ЕУ проширување мора да продолжи и покрај економската криза која е актуелна во моментот во Европската унија и во светот. Притоа, посебно се осврна на потребата за што поскоро приближување на  Македонија до Унијата, со добивање на датум за преговори за членство, но и со визна либерализација. Притоа  г. Јури истакна дека за Македонија е важно овој процес да се реализира што поскоро бидејќи земјата ги има исполнето условите предвидени во Патоказот за визна либерализација, како што се воведувањето на биометриски пасоши и лични карти, имплементацијата на интегрираното гранично управување и воспоставување на Иформативен визен центар, како и напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал.


Click