Активности



Петок, 20 ноември 2009 година

Петта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците                              

Комитетот за односи меѓу заедниците на 18 ноември 2009 година ја одржа Петтата седница со обраќање на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Хозе Луис Хереро, во врска со меѓуетничките односи во земјата.

На седницата, покрај претседателот на Комитетот Џеват Адеми и членовите, присустуваа и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Хозе Луис Хереро со соработниците Беар Граждани и Домениг Албонети, како и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Абдулаќим Адеми.

Амбасадорот на ОБСЕ оцени дека меѓуетничките односи во земјата се подобрени по конфликтот од 2001 година. Соработката меѓу етничките заедници и почитувањето на малцинствата е клучот за стабилноста во земјата. Тој истакна дека доколку постои добра волја кај политичките партии, тогаш треба да се размислува не само за правата на етничките заедници, туку да се подобри и системот кој ќе ги заштити тие права.

Амбасадорот Хереро искажа желба во иднина да се формираат работни групи од редот на членовите на Комитетот за односи  меѓу заедниците и со помош на ОБСЕ да се разменуват информации и искуства во врска со човековите права.

Претседателот на Комитетот, Џеват Адеми, изнесе мислење дека ваквите дебати се многу корисни за функционирањето на Комитетот за односи меѓу заедниците и дека ваквата практика ќе продолжи и понатаму. Исто така, претседателот ги информираше присутните за добрата волја на Владата на Република Македонија за целосна имплементација на Рамковниот договор, па за оваа цел во Буџетот за 2010 година се предвидени доволно средства за Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор.

На седницата беа искажани позитивни мислења за функционирањето и работењето на Комитетот за односи меѓу заедниците,  меѓутоа имаше и предлози за унапредување на работата.

Click