Активности

Среда, 2 декември 2009 година

Прослава на Лисабонскиот договор

На свечена церемонија во Лисабон, каде на 13 декември 2007 година, шефовите на државите и влади на 27-те земји-членки на Европската унија го потпишаа европскиот реформски договор, вчера беше одбележано неговото стапување на сила.

На прославата присуствуваа шведскиот премиер и претседавач со ЕУ, г. Фредрик Рејнфелд, претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, новиот претседател на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпој, како и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, г-ѓа Кетрин Ештон.

Ротациониот претседател на Унијата, г. Рејнфелд, го претстави Лисабонскиот договор како нова ера на соработка, додека првиот човек на Еврокомисијата, г. Баросо, истакна дека сега ЕУ има доволна стабилност за да ја сконцентрира енергијата на прашања од суштинско значење за Европејците.

На 3 ноември со потписот на чешкиот претседател, г.Вацлав Клаус, Договорот од Лисабон по долги преговори конечно  ја комплетираше ратификацијата. Тој има за цел да ја реформира Европската унија и да ја подготви за идни проширувања, што е во посебен интерес за Република Македонија.
Click