Активности



Вторник, 24.03.2009, Стразбург

Седница на Европскиот парламент

Европскиот парламент вчера ја започна пленарната седница која ќе трае до 26 март. Централна тема на ова заседание ќе биде економската криза и можните начини на решавање на сегашнава состојба. Како ефективно да се искористат структурните фондови, иднината на автомобилската индустрија во државите членки на ЕУ, можноста за зголемување на данокот на производите од тутунската индустрија се главните акценти на оваа расправа. Исто така, ќе се расправа и за цената на храната и прехранбените производи  во ЕУ.

Одборот за регионален развој ќе го претстави својот извештај за најдобрите решенија во практиката во остварување на регионалната политика како и ефектите од урбаниот развој. Членовите на Одборот предупредуваат дека е потребно да се поедностави процедурата, но и да се донесе  појасна поделба на одговорноста кога станува збор за проекти на регионално ниво. Во извештајот се наведува дека урбаниот развој треба да биде стратешки приоритет на ЕУ поаѓајки од фактот дека 80% од граѓаните од ЕУ живеат во градовите.

Посебно внимание парламентарците ќе посветат и на организација на состанокот на врвот на групата Г- 20 на кој ќе се соберат министрите за финансии и гувернерите на централните банки на најразвиените земји во светот и ЕУ како заеднички пазар. Состанокот на Г- 20 ќе се одржи на 2 април 2009, а за ова денеска пред Европскиот парламент се очекува да зборува британскиот премиер Гордон Браун.

Click