Активности



Вторник, 1 декември 2009 година

Република Македонија е на вистински пат кон Европската унија и НАТО-алијансата

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, г. Владимир Ѓорчев и членовите на Комисијата вчера имаа средба со министерката за меѓународна одбрана и безбедност на Обединетото Кралство, бароницата Ен Тејлор од Болтон.

На средбата претседателот на Комисијата, г. Владимир Ѓорчев, ја изрази заложбата на сите политички партии во Република Македонија за членство во северно-атлантската алијанса, која се потврдува и преку работата на Комисијата.

„Одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија во НАТО-мисиите се донесуваат едногласно, без ниту еден глас против или воздржан, а бројот на испратени војници годинава се зголеми за трипати. Со ова, Република Македонија е на трето место, според процентот на војници кои учествуват во операциите на НАТО“, изјави претседателот на Комисијата, г. Ѓорчев.

Пратениците, г. Горан Минчев, г-ѓа Зумрете Јакупи и г. Павле Трајанов, ја поздравија делегацијата и ѝ заблагодарија за поддршката што Обединетото Кралство ѝ  ја дава на Република Македонија.

Министерката за одбрана и безбедност на Обединетот Кралство, бароницата Тејлор, ѝ честита на Комисијата за одбрана и безбедност за нејзината успешна работа и за спроведените реформи во одбраната, со што Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и истакна дека ветото во Букурешт е политичка одлука, која не треба негативно да влијае на понатамошната работа.

„Обединетото Кралство ја почитува и ја цени улогата на македонските војници во мисиите во Авганистан“, изјави министерката Тејлор.

Таа уште еднаш истакна дека Република Македонија е на вистински пат кон Европската унија и НАТО-алијансата.


Click