Активности
Среда, 2 декември 2009 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со претседателот на Националниот совет на инвалидските организации

 
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, пред утрешниот Меѓународен ден на лицата со инвалидност оствари средба со претседателот на Националниот совет на инвалидските организаци, г. Душан Нешевски, како и со претставници на инвалидските организации во Република Македонија.

На средбата од страна на претставниците на инвалидските организации беше истакната досегашната добра соработка со Собранието на Република Македонија. Во тие рамки беше истакнато дека со донесувањето на Законот за инвалидски организации, Законот за употреба на знаковниот јазик, како и со измените и дополнувањата на законот за вработувања на инвалидни лица, се направени квалитативни чекори во заштитата и во остварувањето на правата на овие лица. Предложено е во иднина, кога во Собранието ќе се носат закони кои се однесуваат на положбата на инвалидите, во комисиските расправи да учествуваат и претставници на инвалидските организации и на Националниот совет.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, честитајќи го утрешниот Меѓународен ден на лицата со инвалидност, истакна дека обврска на сите институции е да обезбедат услови овие наши сограѓани во целост да бидат вклучени во општествениот живот. Во тие рамки, тој потсети дека тој лично, како и Собранието во целост, се отворени и подготвени за соработка со организациите кои ги опфаќаат инвалидните лица.

„Јас уште денеска ќе упатам писмо до претседателот на собраниската Комисија за труд и социјална политика, како матично тело, во иднина кога ќе се расправа за закони кои се поврзани со правата на лицата со инвалидност, вашите организации да бидат вклучени во комисиската расправа, бидејќи вие најдобро ги познавате проблемите и потребите на овие наши сограѓани“, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.
 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.