Активности



Среда, 25 ноември 2009 година

Триесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на својата Триесетта седница, одржана на 23 ноември 2009 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Образложение на Предлогот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за финансии, г.Недим Рамизи. Тој истакна дека и покрај последиците од глобалната економска криза, компаративните анализи укажуваат дека Република Македонија релативно добро ја поднесе кризата во однос на останатите земји во регионот и во 2010 година, а економското заздравување на македонската економија се очекува да продолжи.

За наредната година се наметна потребата од креирање на фискална политика која на конзистентен начин ќе обезбеди оддржување на макроекономската стабилност, контрола на фискалното трошење во согласност со приходите и оддржување на стабилен фиксен курс на денарот. Фискалната политика во 2010 година ќе се остварува во рамките на планираните приходи кој ќе биде наменет за финансирање на планираните расходи.

Заменикот-министерот за финансии истакна дека претпоставките за заздравување на македонското стопанство даваат основа за планирање на умерен пораст на вкупните приходи од околу 3,5% во однос на 2009 година.

Во расправата на Комисијата учествуваа претседателот Љубисав Иванов Ѕинго, членовите на Комисијата - Ристо Пенов и Марјанчо Николов, како и државниот советник во Министерството за економија, Катерина Костеска.

Државниот советник од Министерството за економија истакна дека со Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2010 година за Министерството за економија предвидени се вкупно средства во износ од 1.037 милијарди денари, каде што се опфатени плати и надоместоци, стоки и услуги, каматни плаќања, субвенции и трансфери, капитални расходи и отплата на главнина.

Претседателот на Комисијата Љубисав Иванов Ѕинго истакна дека со оглед на тоа што на светските економии им се случува рецесија, последните неколку месеци кажуваат дека таа рецесија губи на интензитет и заради тоа работите треба да се гледаат со поголем оптимизам. Тој истакна дека сите проблеми произлегуваат од тоа што треба да се зголеми приходниот дел на Буџетот, што би се зголемил со поголема активност на економијата во Република Македонија.

Членовите на Комисијата Ристо Пенов и Марјанчо Николов во својата дискусија истакнаа дека не го подржуваат Предлогот на Буџетот за 2010 година. Според нив, истиот е нереален, неразвоен, неекономски и нетранспарентен.

По завршувањето на расправата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2010 година да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија и извештајот од седницата да го достави до Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело.

На Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2010 година, Комисијата за економски прашања не поднесе амандмани.

Click