Активности



Вторник, 24 ноември 2009 година

Триесетта седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на Триесеттата седница, одржана на 23 ноември 2009 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, г.Спиро Ристовски, истакна дека во овој Буџет се опфатени сите корисници на социјални трансфери и се одделени сите средства потребни за имплементација на Законите од областа на трудот и социјалната политика, како и средства за главните програми на Министерството, како што се развојот на установите за детска заштита и опремувањето на центрите за социјална заштита. Исто така, се предвидени средства за унапредување на системот на социјална заштита со сите потребни хардверски и софтверски потреби, како и реализација на проектот за заштита од енергетска сиромаштија.

Со овој Буџет, конечно и во Република Македонија, се изедначуваат категориите воени и цивилни инвалиди, затоа е и видното зголемување во оваа програма од Буџетот, а воедно се продолжува и со политиката за демографски развој и декадата на Ромите.

Беше укажано дека сите намалувања на средствата се за непродуктивните трошоци, како што се патувања, репрезентации и мобилни телефони, а додека во областа на основните функции нема кратења.

Се отвори дискусија за сериозната потреба за доекипирање на меѓуопштинските центри за социјална работа за сериозно да се решаваат проблемите на теренот и се искажа заложба за обезбедување на дополнителни средства, доколку е тоа потребно за реализација на ваквиот потфат.

Исто така, беше истакната стабилноста на Пензискиот систем и на редовноста на исплата на пензиите, како и на подобрената наплата на придонесите, со што се  гарантира и континуитет на овој стабилен тренд.

На крајот, заменик-министерот потенцираше дека ќе се продолжи финансирањето на развојот на центрите за социјална заштита и на проектот за рурални градинки.

Click