2009



Петок, 11 декември 2009 година

Европската комисија одобри околу 1,5 милијарди евра за петнаесет енергетски проекти 

Европската комисија на 9 декември одобри петнаесет енергетски проекти кои значително ќе придонесат кон економското закрепнување на Европската унија. Истовремено ќе се придонесе за зголемување на енергетската сигурност и намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Комисијата одобри една милијарда евра за шест проекти за собирање и складирање на јаглерод и 565 милиони евра за девет проекти за енергија произведена од ветар.

Според европскиот комесар за енергетика, г. Андрис Пиебалгс, со оваа одлука Комисијата ги постави основите за развој на две клучни одржливи технологии, важни во борбата за справување со климатските промени. Оваа одлука на Комисијата нe само што дава поттик за економијата и вработеноста, туку е во насока на поддршка на иновативните енергетски технологии коишто може да создадат нови работни места и натамошен раст во иднина.

Со промовирање на технологијата за собирање и складирање на јаглерод, Комисијата го препознава значењето на фосилните горива и потребата за адаптирање на енергетскиот систем со ниско ниво на јаглерод. 

Крајбрежните проекти за енергија произведена од ветар ќе го забрзаат развојот и конкуренцијата на индустријата во Европа и ќе создадат значителен број на нови „зелени” работни места. Новите иновативни енергетско-технолошки проекти ќе придонесат во исполнувањето на обврзувачките цели за намалување на емисиите на стакленички гасови и за развој на енергијата од обновливи извори до 2020 година.

Во мај 2009 година Европската унија издвои околу 4 милијарди евра за енергетски проекти за поддршка во закрепнувањето на економијата, а одобрените 15 проекти се првиот чекор за користење на дел од наменските средства.

Click