Понеделник, 23 ноември 2009 година
Делегација на Собранието на Република Македонија оствари средба со претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, со членовите на колегиумот на Претставничкиот дом и со член на колегиумот на Домот на народите
Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Трајко Вељаноски, а во која се и пратениците Живко Пејковски, Авдија Пепиќ и Талат Џафери, оствари средба со Милорад Живковиќ, претседател на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, со членовите на колегиумот на Претставничкиот дом и со Илија Филиповиќ, член на колегиумот на Домот на народите.
Во разговорите и двете страни билатералните односи меѓу двете држави ги оценија како многу добри, без отворени прашања, а во тие рамки беше истакната улогата и развиената соработка меѓу двата парламента.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, истакна дека Република Македонија, врз основа на постигнатите резултати, доби визна либерализација за нејзините граѓани, а во Извештајот на Европската комисија доби препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите. Очекуваме ова да биде потврдено и од страна на Министерскиот совет на ЕУ. Токму на прашањата поврзани со евроинтеграциите, треба во иднина да ја развиваме соработката меѓу двата парламента. Изразувам жалење што Босна и Херцеговина не беше опфатена со одлуката за визна либерализација, но убеден сум дека и вие наскоро ова ќе го добиете. Ние сме подготвени со вас, да ги споделиме сите наши искуства, истакна претседателот Трајко Вељаноски.
Во разговорите, посебно внимание беше посветено и на регионалната соработка. Ова е еден од основните европски принципи, а Република Македонија и Собранието на ова полагаат големо внимание. Затоа убеден сум дека и нашава средба и разговорите се во функција на натомошно јакнење на стабилноста на регионот и неговата европска перспектива. Интегративните процеси во Европа се неминовен процес, кој никој не може да го запре, а сите ние во регионот географски и цивилизациски припаѓаме на Европа, рече претседателот Вељаноски.
Во рамките на билатералните односи, посебна улога имаат и етничките заедници кои живеат во двете држави. Република Македонија не само формално правно, туку и фактички посветува големо внимание во зачувување и развивање на националниот и културниот идентитет на етничките заедници, истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Претседателот на Преставничкиот дом на Собранието на Босна и Херцеговина, Милорад Живковиќ, во оваа пригода на претседателот Трајко Вељаноски и на нашата делегација им го честита напредокот на Република Македонија во процесот на интегрирањето во ЕУ. Ова е успех за Македонија, но има и позитивни рефлексии за целиот регион. Во тие рамки предлагам двете држави да потпишат и Протокол за соработка на полето на евроинтеграциите. Убеден сум дека тука ние можеме да ги користиме вашите позитивни искуства и изразувам задоволство на вашата подготвеност и отвореност со нас да ги споделите, истакна претседателот Милорад Живковиќ.
Исто така, претседателот Живковиќ предложи двата парламента до своите Влади да иницираат и билатерален договор за признавање на двојно државјанство. Јас знам дека со Уставот на Република Македонија вакво ограничување нема, но кај нас состојбата е малку покмплицирана и ваков договор кој веќе го имаме со други држави во регионот ни е потребен.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека и двата предлози се во функција на натамошниот развој на билатералните односи и тој како претседател на Собранието ќе се заземе за нивна брза реализација.