Собраниско раководство



Четврток, 29 октомври 2009 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска го прими Зоран Талер европратеник и известител за Република Македонија во Европскиот парламент

На средбата претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, уште еднаш ги истакна позитивните резултати на Република Македонија и нејзините институции во остварувањето на евроатлантските интеграции. Визната либерализација за нашите граѓани, како и Извештајот на Европската комисија и препораката за добивање датум за отпочнување на преговорите секако ги потврдува нашите резултати, нашата посветеност за членство во Европската унија.

Собранието на Република Македонија многу сериозно го разгледа Извештајот на Европската комисија и донесе заклучоци кои пред сè одат во насока на многу поинтензивна работа во периодот кој следи по добивањето на датум за преговори и отварањето на поглавјата. Свесни сме дека ова е и најтешкиот дел од процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ, на која ѝ припаѓаме историски, цивилизациски и културно, истакна претседателот на Собранието г.Трајко Вељаноски.

Европратеникот Зоран Талер, заблагодарувајќи се за приемот, истакна дека постигнатиот напредок на Република Македонија е евидентен и дека ова има големо значење не само за Македонија, туку и за регионот. Европскиот парламент посветува големо внимание на процесот на проширување на ЕУ, а во тие рамки целосна интеграција на Република Македонија и другите држави во регионот. Истакнувајќи ја досегашната соработка на Собранието со Европскиот парламент, Зоран Талер подвлече дека тој е подготвен  секогаш да помогне во интегративните процеси, како и на полето на  парламентарната соработка со Европскиот парламент.

 

Click