Четврток, 3 декември 2009 година
Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски оствари средба со претседателот на Република Хрватска г. Стјепан Месиќ
На средбата беше истакнато дека целокупните односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска перманентно одат по нагорна линија. Во тие рамки се и средбите и разговорите на највисоките државни претставници на двете држави.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, посебно ја истакна соработката меѓу двата парламента.
„Таа соработка е, пред сè, во функција на остварувањето на нашите заеднички стратешки определби, а тоа се евроатлантските интеграции. Во исто време, ваквите високоразвиени билатерални односи имаат голема улога во јакнењето на стабилноста на целиот регион и негова интеграција во ЕУ“, истакна претседателот на Собранието, Вељаноски.
Поздравувајќи го постигнатиот договор меѓу Хрватска и Словенија, со што се деблокирани преговорите Хрватска со ЕУ, претседателот Вељаноски истакна дека со ова и двете страни покажаа заемна доверба дека проблемите можат да се решат.
„Очекувам Грција како наш сосед да го следи овој пример и дека нема да го блокира добивањето на датум за започнување на преговорите“, изјави претседателот Вељаноски.
Хрватскиот претседател, г. Стјепан Месиќ, уште еднаш го истакна напредокот на Република Македонија кон Европската унија, што се гледа и преку препораката на Европската комисија за добивање на датум, како и укинувањето на визниот режим.
„Верувам дека Република Македонија наскоро ќе го заземе своето место на членка во НАТО, бидејќи вие заедно со нас и Албанија ги исполнивте условите“, истакна претседателот Месиќ.
Тој уште еднаш истакна дека билатералните спорови не можат да бидат пречка за евроатлантските интеграции и дека тој очекува Република Македонија да добие датум.
„Секако дека евроинтегративните процеси мора да завршат со целосна интеграција на сите држави од регионот, а со тоа здружена Европа да стане вистински политички субјект на стабилност и просперитет во светот“, додаде хрватскиот претседател Стјепан Месиќ.