Собраниско раководство

Вторник, 3 ноември 2009 година

Делегација од Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Трајко Вељаноски оствари средба со конгресменот Дејвид Прајс, како и со претседателот на Меѓународниот Демократски Институт (ИРИ) и директорот на регионалната програма за Европа

Соработката со Република Македонија е една од подобрите кои сме ги имале, рече конгресменот Дејвид Прајс на вчерашната средба со делегацијата од Собранието на Република Македонија, во чиј состав се претседателот на Собранието Вељаноски и потпретседателот Макрадули. Она што ме радува е константната поддршка што евро-атлантското интегрирање ја ужива од сите граѓани на Република Македонија, но и од сите политички субјекти. Така беше во 2006 година, кога прв пат дојдов во Македонија, истото го забележав минатата година при посетата на вашата држава, а и од денешната средба можам да го потврдам истото.

Претседателот Вељаноски, со големо задоволство, го информираше конгресменот Прајс дека сите проекти, кои како идеи произлегоа во 2006 година во рамките на средбата во Република Македонија, помеѓу македонските пратеници и конгресмените од САД, се реализирани. Како особено значаен претседателот го истакна фактот дека тоа е резултат на работата и конструктивноста на сите политички партии, без оглед која од нив е на власт, која во опозиција и без оглед на етничката припадност.

Најдобар доказ дека можеме да научиме, но и наученото да го презентираме на демократиите помлади од нашата е токму учеството и презентацијата на Собранието на Република Македонија во рамките на Светската е-Парламент конференција, истакна потпретседателот Макрадули, потврдувајќи го напредокот на Република Македонија и улогата во истиот на САД, особено на Комисијата за поддршка на демократијата на Конгресот.

Конгресменот Прајс потенцираше дека Македонија може и понатаму да смета на поддршката што досега ја добиваше од САД, како и дека иако досега во историјата не се познати примери билатерални прашања да бидат пречка за НАТО интегрирање, сепак треба да се работи на изнаоѓање на прифатливо решение за спорот со името.

Претседателот Вељаноски и потпретседателот Макрадули остварија средба и со претседателот на Меѓународниот демократски институт (ИРИ) Лорн Крејнер и со директорот на регионалната програма за Европа Линзи Лојд. На средбата, како особено важно за јакнење на демократскиот капацитет на политичките субјекти во Република Македонија, беше истакнато испитувањето на јавното мислење, кое периодично го спроведува ИРИ. Првите луѓе на ИРИ, Крејнер и Лојд изразија задоволство од досега постигнатите резултати и подготвеност да останат активни во Република Македонија и во иднина.

 







Click