Среда, 21 октомври 2009, Женева
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски оствари средби со претседателот на Парламентот на Република Бугарија, г-ѓа Цецка Цачева и аргентинската делегација во ИПУ
Во рамките на 121. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 19 до 21 октомври во Женева, претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, оствари билатерална средба со претседателот на Парламентот на Република Бугарија, г-ѓа Цецка Цачева.
На средбата двајцата претседатели на парламентите се заложија за одржување на добрососедските односи меѓу двете земји и продолжување на соработката на високо парламентарно ниво. Република Македонија очекува соработка и поддршка на патот кон целосно и полноправно членство во европските и евроатлантските структури. Користењето на бугарското искуство во преговорите со ЕУ, во периодот кој претстои за Република Македонија, би било особено корисно.
Соговорниците се согласија дека е потребно зајакнување на соработката во врска со изградбата на Коридорот 8, како значаен регионален коридор.
Претседателот Вељаноски изрази длабоко жалење заради бродската несреќа што се случи во Охрид и истакна дека Република Македонија со учество на странски експерти сериозно работи на разоткривање на сите детали за несреќата со цел никогаш повторно да не се повтори.
Претседателот Вељаноски оствари средба и со аргентинската делегација во ИПУ на која се истакна потребата за продлабочување на парламентарната соработка помеѓу двете држави. Аргентинските парламентарци беа известени за Одлуката на Владата на Република Македонија за отворање на амбасада на Република Македонија во Аргентина идната година.