Собраниско раководство

Недела, 15 ноември 2009 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, упати писмо до земјите-членки на ЕУ за поддршка во добивањето датум за почеток на преговори за членство во Унијата

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, упати писмо до земјите-членки на Европската унија, во кое бара поддршка од неговите колеги за донесување одлука на Европскиот совет во декември за одредување датум за почеток на пристапни преговори.
Во содржината на писмата испратени до своите хомолози, претседателот Вељаноски истакнува:
„Во рамките на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ, ја користам оваа прилика, во светлина на претстојниот Европски совет во декември 2009 година, да побарам поддршка од сите земји-членки на Европската унија за прашање од исклучителна важност за мојата земја – почетокот на преговорите за членство во Европската унија.
 

Европската комисија во својот Извештај за напредокот на Република Македонија во 2009 година, ги афирмираше вложените напори и постигнувањата во исполнувањето на стандардите и критериумите за членство во ЕУ и препорача почеток на пристапни преговори со мојата земја. Препораката на Комисијата беше прифатена со огромно задоволство во македонската јавност, недвосмислено потврдувајќи ја остварливоста на перспективата за членство во ЕУ и споделувањето на заедничките идеали и вредности. Таа дополнително ги мотивира сите чинители во државата да дадат уште поефективен придонес во спроведувањето на зацртаните реформи. Во овој контекст, Собранието на Република Македонија продолжува со спроведување мерки за поефикасен законодавен процес за хармонизација со правото на ЕУ, како и за олеснето постигнување на неопходниот политички консензус за спроведување на обврските од ЕУ агендата.

Околу билатералниот спор за името со Република Грција, ние сме целосно посветени ова прашање што поскоро да се разреши и веруваме дека тоа е можно со двострана конструктивност и флексибилност, во духот на европската соработка. Нашиот пристап во разговорите под покровителство на ОН, продолжува да биде активен и конструктивен и со интензивирана динамика насочена кон изнаоѓање на разумно компромисно решение, прифатливо за двете страни.

Почетокот на преговорите со Република Македонија суштински ќе ги поттикне и останатите држави од регионот во предпристапните реформи и ќе го потврди кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ“.


Click