Вторник, 24 ноември 2009 година, Сараево
Република Македонија е подготвена да ѝ помогне на Босна и Херцеговина во процесот за визна либерализација
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, заедно со членовите на делегацијата, пратениците г. Живко Пејковски, г. Авдија Пепиќ и г. Талат Џафери, денеска во Сараево оствари средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Жељко Комшиќ и членот на претседателството, г. Харис Силајџиќ.
На средбата и двете страни истакнаа дека билатералните односи меѓу двете држави се многу добри и без отворени прашања.
„Токму затоа, во иднина нашите билатерални односи треба да ги развиваме пред сè на полето на економската соработка и остварување на нашата заедничка цел, а тоа се евроатлантските интеграции“, истакна претседателот Трајко Вељаноски.
Зборувајќи за напредокот на Република Македонија во процесот на интеграција во ЕУ, истакна дека ние очекуваме по препораката на Европската комисија да добиеме датум за отпочнување на преговорите. Во однос на визната либерализација, претседателот Вељаноски изрази жалење дека Босна и Херцеговина не беше опфатена со оваа одлука.
„Верувам дека и вие многу бргу ќе ги завршите сите оние потребни, пред сè, технички услови, за укинување на визниот режим, а Република Македонија е подготвена во тој процес да помогне со своето позитивно искуство. Наша цел е Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, но, во исто време наша, цел е сите држави во регионот да станат членки, бидејќи сите ние цивилизациски и културно сме дел на Европа. Во тие рамки и наш интерес е разговорите кои сега се водат околу идното уредување на Босна и Херцеговина да завршат успешно, бидејќи стабилноста на вашата држава значи и просперитет на народите и граѓаните на Босна и Херцеговина, но и стабилност на целиот регион“, истакна претседателот Вељаноски.
Претседавачот во Претседателството, г. Жељко Комшиќ, изразувајќи благодарност до Република Македонија за поддршката што ја даде за изборот на Босна и Херцеговина за непостојан член на Советот за безбедност на ОН, истакна дека Македонија направила многу позитивни чекори во евроинтегративните процеси и тоа е добро како за нејзините граѓани, така и за регионот. Во исто време тој изрази задоволство на отвореноста на нашата држава тоа искуство да го сподели со Босна и Херцеговина.
Членот на претседателството, г. Харис Силајџиќ, истакна дека Македонија ги исполнила сите критериуми за членство во НАТО и верува дека наскоро ќе си го заземе своето заслужено место. Што поголемо присутво на НАТО на Балканот ја јакне стабилноста на секоја држава, но и на регионот во целост.
Денеска претседателот, г. Трајко Вељаноски и членовите на нашата делегација имаа разговори и со министерот за надворешни работи на БиХ, г. Свен Алкалај.
Во разговорите претседателот Вељаноски ја актуализираше потребата двете држави да потпишат договор за одбегнување на двојното одданочување, што беше прифатено. Исто така, беа разменети и ставови за состојбите во регионот и евроинтегративните процеси како заедничка цел на двете држави.