Собраниско раководство



Петок, 11 декември 2009 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска оствари средба со претседателот на Претставничкиот дом на Австралија Хери Џенкинс кој е во официјална посета на Република Македонија

Навистина е големо задоволство кога во посета доаѓа вистински пријател, а вие господине Џенкинс сте вистински пријател на Македонија, истакна на почетокот претседателот на Собранието господинот Вељаноски. Иако Република Македонија и Австралија се многу далеку, двете држави имаат добри билатерални односи, а во тие рамки свое место и придонес треба да дадат и двата парламента. Ме радува фактот дека и во Претставничкиот дом на Австралија е формирана група за пријателство со Република Македонија. Овие односи треба да ги развиваме и поради фактот дека во Австралија живее голема македонска дијаспора, а во Македонија многу позитивно беше прифатен билатералниот договор за социјалните права на Македонците потпишан неодамна за време на посетата на претседателот на Владата на Република Македонија господинот Никола Груевски на вашата држава, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Како што знаете Република Македонија се определи за евроатлантските интеграции. Во тие рамки неодамна за нашите граѓани ЕУ го укина визниот режим. Мислам дека ваков договор треба да постигнеме и со Австралија имајќи ги предвид токму врските со нашите сонародници кои живеат во Австралија, истакна Вељаноски.

Исто така, претседателот Вељаноски го информира високиот гостин за измените на Изборниот законик со кои се дава можност и дијаспората да има свои претставници во Собранието. Така од Австралија во идниот парламентарен состав ќе имаме еден пратеник. Во продолжението претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се задржа на учеството на припадниците на Македонската армија во мировните мисии ширум светот. Ние иако од познатите и апсурдни причини не станавме полноправна членка на НАТО, но и понатаму ќе учествуваме во мировните мисии, бидејќи сакаме да ја исполниме нашата обврска во зачувувањето на светскиот мир и стабилност. Знаете ние Македонците сме познати по својата упорност и работливост, затоа верувам дека ќе ги надминеме сите пречки за наше полноправно членство во НАТО и ЕУ, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Претседателот на Претставничкиот дом на Австралија Хери Џенкинс заблагодарувајќи се за поканата истакна дека тој од првиот момент се чувствува дека е меѓу вистински пријатели. Знаете таму каде што живеам и од каде што сум избран за пратеник живеат над 11 илјади Македонци. Од нив научив многу за Македонија за нејзината историја и борбите на македонскиот народ за независна држава. Македонците во Австралија се лојални граѓани на нивната втора татковина, но и максимално лојални на Македонија. Денеска кога зборуваме за втора и трета генерација на Македонци морам да истакнам дека тие се многу добро етаблирани во австралиското општество и даваат значаен придонес во целокупниот развој на Австралија, затоа и ме радува фактот дека во иднина во вашиот Парламент ќе седи пратеник од мојата земја. 

Што се однесува до вашата определба за евроатлантските интеграции ние, иако немаме некоја поголема политичка моќ во овој дел на светот, ви даваме целосна поддршка. За мене навистина е иронично кога македонските војници учествуваат во мировните мисии ширум светот, сега на пример во Авганистан, каде што и ние имаме свои војници, не сте членка на НАТО иако ги исполнувате условите. Со вашето учество во мировните мисии вие ја покажувате својата одговорност и својот придонес за светскиот мир и безбедност истакна претседателот на Претставничкиот дом на Австралија господинот Хери Џенкинс. На крајот од разговорите претседателот Џенкинс на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски му врачи и официјална покана да ја посети Австралија, која од страна на претседателот на Собранието беше прифатено со задоволство.  

Click