Собраниско раководство



Вторник, 10 ноември 2009 година

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска ја прими претседателката на Владата на Република Хрватска Јадранка Косор

На средбата која двете страни ја оценија како континуитет на високоразвиените пријателски односи меѓу Република Македонија и  Република Хрватска, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека двете држави имаат заедничка стратешка цел, а тоа е интеграцијата во ЕУ. Ме радува што Хрватска и Словенија постигнаа договор околу отворените прашања со што Хрватска ги продолжува преговорите со ЕУ. Во исто време се надевам дека и Република Македонија по препораката од Европската комисија за добивање на датум наскоро ќе ги почне преговорите. Во овие изминати дваесет години од паѓањето на Берлинскиот ѕид, едно е сигурно, враќање на старото нема, а евроинтеграцијата е неминовен процес кој не може никој да го запре, истакна Вељаноски.

Потсетувајќи на својата неодамнешна посета на Република Хрватска и разговорите со неговиот домаќин, претседателот на Хрватскиот сабор, претседателот на Собранието Трајко  Вељаноски посебно ја истакна улогата на парламентите како во евроинтегративните процеси, така и во билатералните односи. Посебно место и улога во билатералните односи, имаат и македонското малцинство во Хрватска и хрватското кај нас.

Тргнувајќи од сето ова, убеден сум дека односите меѓу нашите држави ќе се развиваат по нагорна линија и за добробит на граѓаните на Република Македонија и на Република Хрватска, како и во јакнењето на стабилноста на регионот, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Претседателката на Владата на Република Хрватска Јадранка Косор, заблагодарувајќи се за средбата, истакна дека таа очекува Република Македонија набрзо да ги почне преговорите со Брисел, како и да го заземе своето заслужено место во НАТО алијансата. Мојата посета на Република Македонија и разговорите кои ги имав со претседателот на Владата Никола Груевски, од една страна, ги потврдуваат високоразвиените односи, но истовремено  претставуваат поттик за нивно унапредување, посебно на полето на економската соработка. Верувам дека за ова има интерес и кај двете бизнис-заедници, но и пошироко за регионот. Во тие рамки ме радува фактот дека меѓу двата парламента има воспоставено високоразвиена соработка, истакна претседателката на Владата на Република Хрватска Јадранка Косор.

Click