Собраниско раководство



Четврток, 23 јули 2009 година

Претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски го прими комесарот на Европската комисија за проширување, г.Оли Рен

На средбата претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски, изразувајќи задоволство од одлуката на Европската комисија да препорача укинување на визниот режим за македонските граѓани истакна дека тоа Македонија го заслужува бидејќи ги исполни сите услови, а во исто време македонските граѓани ќе можат да уживаат во едно од основните човекови права и европски стандард, а тоа е слободниот проток на луѓе.

Во продолжение претседателот Вељаноски се задржа на улогата на Собранието во процесот на приближување и вклучување во Европската унија. Ние сме свесни дека натамошната хармонизација со европското законодавство, како и реформите мораме квалитетно да ги завршиме бидејќи тоа е пред се во интерес на граѓаните. Токму затоа, како парламент, многу интензивно работиме на донесувањето на потребните закони, но во исто време ја јакнеме и улогата на Собранието во процесот на имплементација и спроведување на тие закони. Односно, ја јакнеме самостојноста и контролната функција на парламентот врз извршната власт. Очекувам во  есенскиот извештајот на Европската комисија да биде дадена препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите, бидејќи верувам дека нашите резултати Брисел принципиелно ќе ги оценува, односно нема да преовладаат некои парцијални интереси или билатерални отворени прашања. Притоа претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Вељаноски ја истакна улогата на комесарот Рен и неговата принципиелна поддршка на политиката на отворени врати, односно полноправно членство на Македонија и на другите држави во регионот.

Комесарот Оли Рен уште еднаш истакна дека Европската комисија  не ја менува политиката за прием на нови членки во Европската унија. Притоа истакна дека динамиката ќе зависи пред се од постигнатите резултати на секоја држава-кандидат. Комесарот Оли Рен  уште еднаш ја истакна улогата на парламентот во тие процеси охрабрувајќи ја и власта, но и опозицијата одговорно да го заокружат процесот на приближувањето и зачленувањето во Европската унија, бидејќи Македонија е, и останува дел на Европа.



Click