Собраниско раководство



Четврток, 27 август 2009

Говор на претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски по повод јубилеен 15-ти тетовски фолк фест

Почитувани пријатели, браќа и сестри
Македонскиот народ е познат по тоа што токму преку народните песни и игри ги изразувал своите чувства и кога бил среќен и кога тагувал, кога заминувал на печалба но и кога се борел за својата слобода.Духовноста и вербата во Бога повеќе од две илјади години се дел од идентитетот на македонскиот народ. Но, во тој идентитет музиката наша, онаа народната исто така треба да се свати и како дел од таа духовност и верба во Бога и како дел од нашиот идентитет.

Како Македонци, сме знаеле и во оние најтешки времиња за нас  да го зачуваме нашиот фолклор, да ја зачуваме нашата народна песна и да ја пренесеме на идните поколенија. Токму вакви манифестации како што е вашиот фестивал дава свој придонес во зачувувањето и развивањето на македонската народна песна и фолклор.

Вечерва овде во овој божји храм,  Лешочкиот манастир  со божја помош и со благослов на нашата Македонска Православна Црква започнува 15-иот Тетовски фолк фестивал. Целта на фестивалот е преку песната уште еднаш да покажеме кои сме и што сме.  Уште еднаш да покажаме дека од тоа нема никогаш да се откажеме.

Браќа и сестри,

Лешочкиот манастир, односно манастирскиот комплекс ,,Св.Атанасиј,, со целата своја вековна духовност која зрачи од секој негов камен и икона, кој ете иако го разрушија, но ние пак го обновивме, само покажува дека Македонската Православна Црква секогаш била и останала со својот народ. Затоа и ние како верници никогаш нема да се откажеме од нашата Македонска Православна Црква, бидејќи со тоа го зачувуваме и развиваме нашиот национален и културен идентитет.

Вашиот фестивал  годинава одбележува  јубилеј, 15 години, од своето постоење. Овој  јубилеј го покажува големиот ентузијазам на организаторите кои заедно со учесниците, но секако и публиката  придонесоа тетовскиот фолк фестивал да стане препознатлив не само за овој регион туку и во државата во целост. 

Убеден сум дека во времето на фестивалот ќе ја  слушнеме повторно убавата македонска песна која ќе не развесели, а таа среќа секогаш сме знаеле да ја споделиме и со поблискиот и со подалечниот.

Затоа дозволете ми на крајот на организаторите, на сите учесници на 15-иот Тетовски фолк фестивал, на сите посетители да ви посакам пред се здравје и со задоволство да го проследиме фестивалот. Во исто време ја користам оваа прилика на сите Вас да Ви го честитам  утрешниот голем христијански празник - Успение на Пресвета Богородица.

Ви благодарам на вниманието  

Click