Собраниско раководство



Четврток, 26.02.2009

Обраќање на г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија по повод пет години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Почитуван претседател на Република Македонија,
Почитуван претседател и членови на Владата на Република Македонија,
Почитувана госпоѓo Вилма и членови на семејството Трајковски,
Дами и господа пратеници,
Почитувани екселенции, великодостојници и претставници на верските заедници,
Ценети пријатели на претседателот Борис Трајковски,
Дами и господа,
Поминуваат пет години од трагичната авионска несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски,  заедно со своите осумина соработници.

Поминуваат пет години од моментот кога граѓаните на Република Македонија ја загубија личноста која беше олицетворение на човечноста и на широкоградоста – особености кои некогаш толку многу недостасуваат во политиката.

Поминуваат пет години од моментот кога светот загуби важна политичка личност која подеднакво се грижеше за својот народ, но и за сите народи во целиот свет личност која, работејќи за успехот на Македонија, се залагаше за нов и подобар свет, чиј супстрат ќе бидат верата, надежта и љубовта меѓу сите и за се’.

Денес, ако се свртиме наназад во времето минато, ќе забележиме дека уште посилна е нашата увереност во исправноста на вредностите и на визиите за кои се залагаше Борис.
Денес, исправени пред предизвиците со кои се соочуваме, сфаќаме дека единствено исправна е политика на искреноста и на љубовта кон својот народ и кон целиот свет, токму така како што правеше нашиот покоен претседател.

Драги пријатели,
Тагата е  чувство, која кај секого се манифестира на различен начин.
Таа со својот интензитет и силина се врежува во меморијата на почитувачите.
Таа, тагата, не’ потсетува колку некои личности ја определувале смислата на нашите животи и на нашата заедница.
Борис со својот политички ангажман, хуманост и посветеност се врежа во колективната меморија на граѓаните на Македонија.
Борис со своите лични особености и карактер стана симбол, кој подеднакво го ценат и го сакаат сите граѓани на нашата држава независно од нивната  национална, верска или политичка припадност.
Тие вредности, размислувања и погледи на Борис Трајковски денес уште повеќе се актуелни.
Токму затоа денешната седница на Собранието, како и другите активности што заедно ги подготвувавме со Фондацијата "Борис Трајковски" убеден сум дека ќе бидат разбрани како државен прилог во насока на натамошно развивање на политичкото и хуманото наследство на претседателот Борис Трајковски.
Тоа му го должиме на него и на неговото семејство, но уште повеќе си го должиме себеси, кои денеска на овој или на оној начин ја креираме политиката, носиме одлуки и сносиме одговорност за државата и за иднината на граѓаните.

Почитувани колеги,
Функцијата претседател на Република Македонија Борис Трајковски ја извршуваше се’ до неговата трагична смрт.
Oвој голем човек застанa на кормилото на македонскиот брод во период исполнет со бури и невремиња, во кој требаше мудрост, храброст и одважност за истиот мирно да се одведе во мирните води на меѓуетничкото разбирање и толеранцијата, силно нарушени со воениот конфликт во 2001 година.

Македонија ги совлада предизвиците и влезе во период чиј именител се процесите на внатрешно консолидирање и ангажман во насока на осигурување на сопствената европска иднина.
Позната е неговата мисла дека е подобро илјада денови да се преговара отколку еден ден да се војува.
Резултат на ваквата негова определба која се темелеше на неговиот вредносен систем беше Охридскиот рамковен договор.
Резултатот беше мирот наместо конфликтите, новата македонска демократска реалност наместо недоразбирањатач европската иднина наместо темното минато.
Во сега далечната 2001 година, кога малкумина од политичарите имаа сила да застанат пред нацијата за да го освојат мирот, Борис ќе рече  „Рамковниот договор не е совршен, но ниту еден договор никогаш не бил и дека тоа е најдоброто нешто што го има Македонија, бидејќи  алтернативата е војна и поделба".
Денес нацијата ја препозна силината на тие изговорени зборови и го продолжи неговото дело во кое императив се заедништвото и почитувањето меѓу Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите и Бошњаците.
Борис Трајковски до крајот на својот живот тргнувајќи од своите уставни надлежности, но уште повеќе со својот морален кредибилитет се залагаше за доследна имплементација на Рамковниот договор.
Во свото обраќање пред овој дом во декември 2003 година тој ќе рече: "Се ближиме кон крајот на донесувањето на целосна правна регулатива за успешно спроведување на Рамковниот договор, што претставува голем чекор напред кон реформите што ќе не приближат кон европските стандарди на демократија. Сепак она што е посебно важно не е само формалното исполнување на обврските од Договорот туку, пред се’, искрена намера и убеденост на луѓето дека тие решенија се праведни. Неопходно е да се смени менталитетот на поединците со цел да се надминат предрасудите кои претставуваат најголема закана и за најдобрите идеи што ги носи времето."...

Дами и господа,
Одредбите на Рамковниот договор се составен дел од Уставот и се преточени во законите.
Неговата имплементација оди добро, но тоа е процес кој ќе треба постојано да се негува и доградува.
Во секој случај неговиот дух и смисла треба постојано да го имаме предвид, особено ние, кои како резултат на волјата на народот ја имаме привилегијата да се грижиме за раководењето со државата. Споменатото е дотолку позначајно, ако се има предвид дека за нешто помалку од еден месец ќе се одржат претседателските и локалните избори.
Верувам дека овие избори ќе поминат во фер и демократска атмосфера.
Верувам во државотворната одговорност на политичките лидери, кои знаат дека партикуларните интереси не смеат да доминираат над државниот интерес.
Верувам во капацитетите на институциите на системот, кои ќе ги осигураат начелата на фер и на непристрасност да доминираат во изборниот процес, кој не’ очекува.
Верувам дека имаме капацитет и како држава и како граѓани да ги надминеме стереотипите според кои нашиот политички противник е наш политички непријател.
Конечно, верувам, затоа што сум убеден дека наша заедничка цел е европска и единствена Македонија, а не држава на поделеност и на несогласувања.

Драги пријатели,
Функцијата претседател на Република Македонија, Борис ја разбираше и ја извршуваше во согласност со определените уставни надлежности. Во тие рамки, тој  како правник по вокација, секогаш се залагаше за доследно и целосно функционирање на институциите. Тој со својот морален углед беше значаен кохезивен фактор, центар околу кој гравитираше македонската политика. Ова негово политичко наследство сме должни да го повторуваме и да го спомнуваме. Последното заради обврската што ја имаме пред нас самите, пред граѓаните, а особено пред Македонија, која мора после секој изминат ден да биде се’ подобро место за живеење.
Борис Трајковски својата активност и визија за подобра иднина не ја ограничуваше само на својата татковина и граѓани. Тој посебно внимание секогаш посветуваше и на иднината на регионот, но и пошироко на светот. Токму затоа во меѓународната заедница важеше за лидер во Југоисточна Европа. Од денешна дистанца осврнувајќи се, разбираме дека основата на успехот на нашиот покоен претседател на меѓународен план лежеше во двете константи кои ја определија смислата на неговиот политички ангажман: едната константа е неговиот вредносен ситем во кој човекот и љубовта секогаш беа на врвот, а другата константа се сосредоточуваше во изразената одговорност за афирмација на македонските државни интереси на меѓународен план. Меѓу тие негови ангажмани и реализирани меѓународни активности би сакал да потсетам на Меѓународната конференција која се одржа во Охрид во август 2003 година со наслов "Дијалог меѓу цивилизациите".
Отворајќи ја конференцијата Борис Трајковски ќе рече:
"Императивот да се потврдат принципите на дијалог, денес е многу повеќе потребен од кога и да било порано. Факт е дека човековата раса живее поделена во бројни културни контексти и цивилизациски модели.. Исто така е факт дека хиерархиските односи кои поставуваат некој над некого или афирмира едни, а дискредитира други не можат и несмеат да се изградат меѓу нив. Нема супериорни и инфериорни култури, нема супериорни и инфериорни цивилизации, нема супериорни и инфериорни раси, јазици и религи. Тоа е затоа што нема инфериорни човечки суштества,, - ќе заклучи Трајковски.
И сега дозволете ми овие негови размислувања да ги ставам во контекст на денешната актуелност во светот.
На една страна имаме моќни процеси на глобализација, но истовремено се зборува и за цивилизациски судири. Светот, а и ние се соочуваме со економска криза и море од социјални проблеми кои го нагризуваат вредносниот систем на нациите и државите.  Сите овие реални проблеми, прашања не можат да се решат преку ноќ. Тие се сериозен предизвик за светот и затоа ќе поминат години пред нивното затворање. Меѓутоа, сепак едно е сигурно, имено дека основата за нивното надминување се дијалогот и разбирањето, токму онака како што Борис ја разбираше политиката.

Дами и господа,
Нема да зборувам за многуте билатерални средби кои претседателот Борис Трајковски ги имаше, но сакам да потсетам дека тој беше и иницијатор на идеата за поврзувањето меѓу Македонија, Хрватска и Албанија како Јадранска група заради побрзо вклучување во НАТО.
Сепак, за наша жал оваа визија на Борис Трајковски не се реализира во целост.
Република Македонија не стана членка на НАТО минатата година, единствено заради познатите апсурдни ставови на нашиот јужен сосед, кој го спречи остварувањето на таа наша заедничка цивилизациска цел. Во секој случај, независно од ваквата реалност, ако му пристапиме на овој национален предизвик со вредносниот код на Борис, ќе разбереме дека неправдите уште повеќе не’ мотивираат да истраеме во намерата за остварување на целта за интегрирање на Македонија во НАТО.
Македонија има сила да го одбрани своето национално достоинство и да ги убеди своите пријатели дека начелата на правдата и правичноста мора да бидат применети и во нашиот случај.
Македонија има сила да одолее на искушенија без да отстапи од својата државна траекторија.
Македонија и понатаму останува на својот пат за целосно исполнување на своите задачи за вклучување во Европската унија и во НАТО.
Политичките лидери во иднина уште повеќе треба да застанат зад европската иднина на својата држава, во рамките на процесот во кој не бараме да бидеме привилегирани, но во истовреме цврсто ќе опстоиме на позициите реално и мерливо да се оценува нашиот труд, постигнувања и залагања.
Во овој процес значајно е искуството на големите личности од нашата историја, каков што беше неоспорен Борис.
Неговата политика на соработка, а не конфронтации, на разбирање, а не поделби, на искреност, а не дволичност, треба да доминира во прашањата кои ги рефлектираат македонските државни интереси, какви што се членството на татковината во европските и во евроатлантските структури.

Почитувани пријатели,
Наследството што ни го остави Борис Трајковски е големо, исто каква што беше голема и љубовта што тој ја имаше за својот народ и за својата држава.
Тагата кон неговиот трагично прекинат живот ја делиме сите, иако таа најдлабоко ја чувствуваат неговите најблиски.
Знаеме дека некои нешта едноставно не можеме да ги вратиме, но чувствувам потреба во името на државата - почитувани членови на семејството Трајковски - да ви кажам дека најмалку што може Македонија да стори за претседателот Трајковски е да го негува, да го почитува, да се грижи и да го надградува неговото наследство и да го афирмира неговиот лик и дело како македонска национална, граѓанска, односно државна вредност. Тоа го правевме во периодот зад нас и ќе продолжиме да го правиме во годините што следат.

Борис е светла страница во најновата македонска историја.
Борис е олицетворение на еден систем на вредности, за кој вреди да се залагаме.
Борис е нашиот претседател, кој успехот на Македонија го натопи со својот живот.
Токму затоа, но и заради многу други нешта, тој останува личност, чие наследство и во иднина ќе ја определува смислата на македонската политика.
Македонија ќе покаже дека знае да ги цени позитивните вредности.
Македонија ќе продолжи да чекори по патот на демократијата и меѓусебното почитување, како што тоа го правеше Борис Трајковски.
Политичките репрезенти на нацијата уште повеќе ќе им се поклонуваат на човечноста и на искреноста, како вредности кои беа дел од политичкиот хабитус на личноста чија годишнина ја одбележуваме денес.
Имајќи го тоа предвид ќе завршам со една реченица која многупати сме ја слушнале од овој голем човек во овој законодавен дом, но и на други места и прилики:

„ДА СТЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ И БОГ НЕКА ЈА БЛАГОСЛОВИ МАКЕДОНИЈА“.

Ви благодарам.

Click