Собраниско раководство



Вторник, 15 декември 2009 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Меѓународната Конференција „Превенција и репресија на насилството на фудбалските стадиони“

Дами и господа,
Почитувани пратеници и министри, екселенции,
Почитувани претставници на фудбалските федерации,
Почитувани пријатели на спортот и секако фудбалот,

Велат дека фудбалот е најважната споредна работа во светот. Колку оваа фраза да звучи истрошено, сепак оваа карактеристика сè уште е актуелна, ако се има предвид спортската, економската и социјално-општествената димензија на фудбалот како спорт.

Имено, фудбалот, гледано на глобално ниво и денес, според бројот на клубовите и играчите, е еден од најмасовните спортови, понатаму фудбалот е и вистинска профитабилна индустрија со голем обрт на средства, па овде не мислам само на трансферите на играчи туку, сè на сè, на она што се случува и го следи овој спорт.

Што се однесува до социјално-општествената димензија на фудбалот, таа е секако повеќеслојна. Фудбалот и денес, според бројот на љубителите, односно навивачите или како што модерно се викаат „фанови“ е најмасовен спорт. Исто така, многу млади луѓе го гледаат како единствена можност за своја економска и социјална егзистенција и напредување. Фудбалот е и причина за дружење, за дебати, а ако добро се сеќавам беше и повод за мала локална војна меѓу две држави во Латинска Америка. Но, за сето ова секако повеќе знаат експертите кои се занимаваат со социологијата на спортот или со спортската психологија.

Некаде од шеесеттите години на минатиот век во фудбалот, или поточно речено во спортот, се појавува насилството, односно хулиганството. На почетокот, ова насилство беше на фудбалските стадиони меѓу навивачите, но веќе во седумдесеттите години тоа насилство се пренесе и на улиците, и тоа и пред и по одржувањето на фудбалските натпревари. Тоа што загрижува е фактот дека насилството на спортските манифестации многу брзо стана глобална појава и денес е присутно речиси во сите држави во светот.

Епилогот од овој вид на насилство не е само големата материјална штета, туку не ретко се случува и губење на животи.

Токму затоа, денес во целиот свет на ова му се посветува големо внимание, а само да потсетам, Советот на Европа уште во 1985 година донесе Конвенција за спречување на насилството во спортот. Тука се и повеќето директиви на Европската унија, а и Европскиот парламент има усвоено неколку резолуции кои се однесуваат на хулиганството и насилството на спортските манифестации.

Насилството на спортските манифестации е присутно и кај нас. Ако погледнеме од законски аспект, Република Македонија насилството на спортските манифестации добро го има санкционирано. Имено, ние имаме таканаречен лекс специјалис, а тоа е Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, донесен во 2004 година. Тука е Кривичниот законик, Законот за прекршоците и така натаму. Дали на оваа законска регулатива и се потребни измени и дополнувања, пред сè, треба вие да кажете. Секако, на денешната конференција и за ова ќе стане збор. Јас, како претседател на Собранието, сакам да ве уверам дека сите пратеници, без разлика на партиската припадност, сме подготвени, ако дојдат вакви предлози, најбрзо во рамките на собраниската процедура да ги усвоиме.

Од друга страна, како правник кој во својата кариера бил дел од сите три гранки на власта, судската, извршната и сега законодавната, сакам да ја истакнам улогата и значењето на превенцијата на насилството пред законското санкционирање. Превенцијата, посебно кога станува збор за ваков тип на насилство, налага од една страна интердициплинарен пристап, значи вклучување на експерти и институции од повеќе области - социологија, психологија, право и така натаму, како и меѓуресорска координација. Од федерациите на спортските организации, спортските клубови, надлежните министерства, како што е, на пример, Министерството за внатрешни работи, но и други, потоа локалната самоуправа, па сè до невладиниот сектор. Посебно сакам да ја истакнам улогата на образовниот систем и тоа од предшколската возраст, па сè до универзитет. Секако, одговорноста е и на семејството и родителите, бидејќи најчесто во овој тип на насилство вклучени се млади луѓе, односно наши деца.

Насилството, за жал, секогаш било присутно во сите општества и тоа никогаш нема да може да се искорени во целост. Но, верувам дека со систематска и ефикасна превенција, тоа може да се сведе на некаков минимум и со многу помали последици.

Сите ја знаеме онаа стара латинска изрека „Здрав дух во здраво тело“. Да не дозволиме, и како општество, и како држава, но и на глобално ниво, да го изгубиме здравиот дух на младите, кои од овие или оние причини се учесници во насилствата на спортските манифестации. Верувам дека вашата конференција, на која, како што видов, се поканети учесници од повеќе области и институции, ќе даде одговори на многу прашања поврзани токму со превенцијата на насилството. Затоа, на крајот, уште еднаш ви посакувам успешна работа. 

Ви благодарам

Click