Активности



Петок, 29 јануари 2010 година

Дванаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на денешната седница ја разгледа Националната програма за усвојување на правото на ЕУ - ревизија  2010 година. На седницата на Советот присуствуваа г-ѓа Марија Анхелес Гарсија де Лара, вршител на должноста амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, г-ѓа Марина Курте и г-ѓа Ружица Андроникова, претставници од Делегација на Европскаta унија во Република Македонија.

Националната програма ја претстави г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања. Ревизијата на НПАА 2010 е трета ревизија по ред, усвоена од Владата на Република Македонија на 29 декември 2009 година. Почетен датум за реализација на активностите од НПАА е 1 јануари 2010 година.

Основна цел на овогодишната ревизија на НПАА е редовно ажурирање на програмата и уште повеќе подобрување на механизмите за следење на реализацијата на приоритетите преку воспоставување на систем на постојан мониторинг на имплементацијата на НПАА. Процесот на ревизија на НПАА за 2010 започнал веднаш по добивањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година. Националната програма е резултат на работата на работните групи од претставници од министерствата и од други институции и органи на државната управа. Вкупно 68 институции ќе бидат носители на активностите на НПАА.

Како и во претходните години, така и оваа, НПАА ја следи истата структура и концепт на документот, политичките критериуми, економските критериуми, способноста да се преземат обврските кои произлегуваат од членството, јакнење на административните капацитети за пристапување во Европската унија, подготовка на националната верзија на „acquis communautaire“ и информирање и комуникација со јавноста за процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија. Документот содржи план за постепено транспонирање на европското законодавство во релевантното национално законодавство, како и активности кои директно се однесуваат на подобра имплементација на законодавството. Националната програма опфаќа усвојување на 103 закони и 375 подзаконски акти планирани да се усвојат во 2010 година, со кои ќе се изврши усогласување со вкупно 844  ЕУ мерки.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот, г. Владо Камбовски од Македонската академија на науките и уметностите, г. Скендер Бузаку, претставник на Исламската верска заедница, г. Кенан Хасипи и г-ѓа Флора Кадиу, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г. Александар Кржаловски од Граѓанска платформа на Македонија и г-ѓа Љубица Нури од Стопанска комора на Мaкедонија.

Click