Активности

Понеделник, 1 февруари 2010 година

Дваесет и четврта седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и четвртата седница, одржана на 29-ти јануари 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за служба во Армијата на Република Македонија - I читање и водеше амандманска расправа по Предлогот на закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција.

На седницата во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Зоран Коњановски, министер за одбрана.

Во однос на Предлогот на закон за служба во АРМ, министерот за одбрана посочи на реформите на Армијата, од кои произлегува потребата за измена на законот со кој се уредуваат правата, обврските и положбата на воениот и цивилниот персонал кој е во служба на Армијата.

Министерот, како една од основните новини на Предлог-законот, ја истакна можноста за трајно решавање на станбеното прашање на вработените во Армијата со купување на стан во лична сопственост преку субвенционирање на   дел од трошоците за купување на стан од страна на Министерството за одбрана.

Со мнозинство гласови Комисијата констатира дека Предлогот на закон за служба во Армијата на Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање во Собранието.

На истата седница, Комисијата за одбрана и безбедност водеше и амандманска расправа по Предлогот на закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција. 

Во претресот по поднесените амандмани учествуваа предлагачите на амандманите, пратениците г. Горан Минчев, г. Менде Диневски и г. Горан Сугаревски, како и министерот за одбрана, г. Зоран Коњановски.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот на закон за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муниција да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click